270 набљудувачи ќе бидат ангажирани за референдумот

by fokus 14:11
14:11

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров денеска имаше средба со амбасадорот Јан Петерсен, шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, кој го информираше како оваа меѓународна организација ќе го следи референдумот на 30 септември годинава.

Амбасадорот Петерсен, како што соопшти МНР, ги пренел основните информации за оваа мисија на ОБСЕ/ОДИХР и информирал и за планираните активности на Набљудувачката мисија во период до референдумот и на самиот ден на изјаснување, која инаку согласно препораката на Мисијата за проценка на потребите на ОДИХР би требало да брои околу 270 набљудувачи.

- Advertisements -

Димитров, изразил задоволство од прифаќањето на неговата покана – ОДИХР да испрати набљудувачка мисија за Референдумот во Република Македонија. Го истакнал историското значење на актуелните процеси, како и на можноста граѓаните преку овој демократски чин да ја искажат својата волја по прашањето, кое, како што рекол, е од огромна важност за иднината на земјата и нејзините стратешки определби за интеграција во НАТО и ЕУ, но исто така и врз политичкото стабилизирање на Регионот.

Министерот Димитров ја реафирмирал подготвеноста на Република Македонија за продолжување на соработката со ОДИХР, а особено за подобрување на изборните процеси кај нас, кои комплементарно придонесуваат за достигнување на бараните европски стандарди, важни за забрзување на процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Поврзани новости