25 години „Авто Плус“

by fokus

Магазинот за автомобили „Авто Плус“ слави 25 години од своето постоење. Без голема финансиска куќа, тие се задоволни од нивната досегашна работа и постоење, а „Фокус“ реши да направи интервју со првиот човек на „Авто Плус“, Виктор Кошевалиски.

ФОКУС: Дали сте задоволни од досегашното постоење на Авто Плус за овие 25 години?

КОШЕВАЛИСКИ: „И да и не. Секако фактот дека постоиме 25 години значи дека правиме нешто добро. Зад нас нема некоја моќна корпорација, и за овие 25 години успеавме да направиме имиџ, углед и кредибилитет со оглед на состојбите во нашаа држава. А секако и не, бидејќи мислам дека можевме да бидеме подобри, да не беа светска криза пост 2008 година и најмногу онаа кај нас базирана на лоши одлуки кои ги донесоа луѓето кои ја водеа земјата, во оваа индустрија. Пазарот беше „тешко ранет“ со донесувањето на законот за слобода на увозот на (пра)стари автомобили, што услови губитоци во повеќе нивоа во индустријата (како и на здравјето на луѓето сега), од луѓето кои работеа во импортерските центри, оние кои ги опслужуваа нивните потреби(преведувачи, дизајнери, печатари), до медиумите особено автомобилските, кои ги субвенционираат потребите за постоење на медиумите со своето рекламирање. Но, се прилагодивме на условите и преживеавме да раскажуваме за тоа. Горди партнери сме на италијанската ревија Quattroruote(постои од 1956), имаме своја ТВ емисија и веб портал.“

ФОКУС: Каде се реалните проблеми на списанијата и зошто според вас е опадната продажбата, а веќе неколку медиуми и тотално згаснаа?

КОШЕВАЛИСКИ: „Авто Плус на почетокот на годината доби нова форма со појавувањето на М магазин (Машки Магазин) со кој ги дели страниците. Тоа во ова време кога генералната стимулација за купување на нови и еколошки прифатливи автомобили(возила воопшто) е никаква, трансформацијата беше новата формула за комуникација со машката публика која е најголем следбеник на авто-мото индустријата. Одлуката до овој момент се покажува дека беше добра, па магазинот полека се враќа на позициите „од времето“. Секако, ние не останавме само на хартија, веќе 5та сезона сме на 24ТВ и на поголемите регионални телевизии со наша емисија под Авто Плус логото, а веб порталот успешно работи повеќе од 10 години. Старите велат „копај нов бунар, но не плукај на стариот“. Истражувањата велат дека луѓето повторно ќе читаат печатени списанија, дури и младите, бидејќи тоа е единствениот реален медиум, нема непозната IP адреса од која потекнуваат „fake news“.“

ФОКУС: Колку македонските државјани се заинтересирани за списанија за автомобилизам?

КОШЕВАЛИСКИ: „Кај нас никој(купувач) не сака да го плати квалитетот кој се нуди по реална цена, ниту луѓето имаат навика да купат списание/весник во континуитет, како на времето. Постоењето на новите електронски медиуми не е оправдување. Како и во сè, политичката и економската неизвесност го земаат вниманието на луѓето, ги оптеретуваат и фокусираат на бескрајно гледање вести, а бегството го наоѓаат во надсинхронизирани „сапуници“ каде што (привидно) бегаат од реалноста. За жал, никој не купува списание каде има добро интервју на некој реализиран маж или жена, каде се пишува за некој културен настан, новитет во модерното живеење или потсетување на некоја стара и треадиционална вредност. Никој т.е. повеќето, не пробуваат да прочитаат како да го подобрат својот живот и на оние околу нив, дали се однесува на нов автомобил со Еуро 6 д-темп или со 0 емисии или на природен земјен гас или хидроген или на синтетско гориво, како некој понапреден или попаметен некаде надвор тоа го направил, па да го применат овде. Патиме од суета, не учиме од туѓи искуства и наши луѓе кои знаат, па како „најпаметни“ правиме грешки. Штета за „паднатите“ магазини и списанија од многу области, кои недостатокот на критичен број на читатели кои ќе ја платат реалната цена(не намалената во име на повеќе читатели) не можат да формираат буџет за да реализираат поголем проект и да останат интересни на верните читатели. Тука улога имаат и рекламирачите, зборувам за странските марки(брендови) кои постојано се намалуваат, што од недостаток на пазар, што од незнаењето од водење политика на рекламирање на нивните претставници, кое резултира со намалени буџети кои повлекуваат намалена продажба и така во круг. И сето ова резултира да „исчезнуваат“ и квалитетните луѓе за работа, што процесот на изработка на квалитетен магазин (производ) го прават уште потежок.

Можеби да имаше некој „горе“ како во другите држави кои внимаваат на зачувување на вредностите, во случајот печатените медиуми, и да дадеше финансиска поддршка во постоењето на една ваква форма на едукација.“

ФОКУС: Колку македонските автомобилски компании се во тек со новитетите низ светот?

КОШЕВАЛИСКИ: „Што по обврска од принципалите, што по сопствена иницијатива, нашите импортери се секогаш во тек со новините во светот. Македонските купувачи во многу случаи се сретнуваат со новите модели само по неколку денови или недели по светските премиери. Падот на продажбите кај нас ги стави нашите увозници на крајот на листите кај нивните принципали, па често големата битка е да се обезбедат на време потребни количини од актуелните модели за нашиот пазар.“

ФОКУС: Имаат ли Македонците и македонските политичари вкус за автомобили?

КОШЕВАЛИСКИ: „Најчесто не. Во лов се на најниската цена и најголемиот попуст, како и влијанието на стереотипите кај нас. Многу ретко се одбира според потребата, квалитетот, нивото на иновации, технолошки достигнувања… Најчесто луѓето сметаат дека знањето им е дадено од раѓање, па нема потреба да се следат работите, да се прочита за новините во областа. Секако Македонците со овој економски развој на државата не можат да си дозволат секогаш нов и скап автомобил, но малку државни „олеснувања“ и стимулација, како и правење вистински избор помеѓу потребите и можностите за оддржување, и ќе може секој да има возило со „зелена налепница“.“

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости