Зврлевски демантираше дека ургирал да се отфрли кривична пријава против Ставрески, Тасева бара истрага

by Фокус 13:08
13:08

Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, на вчерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма, одговараше на многу прашања поврзани со аферите кои произлегоа од „бомбите“. Тој и во студиото имаше можност да слушне една од снимките, на која се споменува неговото име, односно наводно поранешната министерка Гордана Јанкулоска му вели на колегата Зоран Ставрески дека му дала задача на Зврлевски, во врска со тоа како да постапува со кривичната пријава која против Ставрески ја поднесе Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнал- Македонија“.

Г.Ј: Ништо, јас те барав за ова што ти пишав. Значи, јас нели ти реков, му спомнав на Марко со тоа што му реков види вака-така, не директно она ‘отфрли ја пријавата’ него ‘види да ја завршиме’ ова-она, ама он знае што значи тоа.

- Advertisements -

З.С : Аха

Г.Ј: Сабајле го побарав и после ми се јави назад и ми кажа, пошто беше на судење и неможеше да збори од таму, и ми кажа: „да знаеш тоа што ми даде задача, завршено е“. Пошто треба и за други работи да се видиме, за Законот за кривична постапка деновиве ќе ти дадам детален извештај, да знаеш се е ок со предметот. Чисто да ти кажам.

З.С: Мх, добро.

Г.Ј: Ќе ми каже точно како го затворил.

З.С: Тоа значи ќе донесат одлука веднаш?

Г.Ј: Па он, како што го разбрав. Јас ти викам, човекот на судење беше и така малку во шифри ми збореше. Како што го разбрав, он го затворил предметот.

З.С: Аха

Г.Ј: А може да го затвори со решение дека се отфрла.

Зврлевски, откако ја слушна снимката, повторно ја демантираше.

-Јас го слушав овој разговор и дадов демант дека тогашната министерка Јанкулоска ми се јавила воопшто за било кој предмет. Тоа е првата работа. Значи она мене не ми се јавила да затворам или не затворам некој предмет. Уште една работа дека тоа е егзакно е тоа дека јас тогаш не сум работел на ниту еден предмет, рече Зврлевски.

Тасева кривичната пријава против Ставрески ја поднесе во октомври 2011 година, во време кога Зврлевски беше на чело на Скопското јавно обвинителство. Таа тврдеше дека  Ставрески во 2010 година донел упатство за распределба на пари од буџетот за годишно финансирање на политичките партии и со тоа упатство го оштетил државниот Буџет за 1,3 милиони евра.

Во пријавата беше наведено дека Ставрески, на 16 април 2010 година донел упатство за дополнување за распределба на средствата од државниот буџет за годишно финансирање на политичките партии.  Со овој чекор министерот не ја почитувал поделбата на власта, ги пречекорил службените овластувања и, како функционер од извршната власт, уредувал законска материја.

Прекршувањето на законот продолжило и со тоа што Ставрески истиот ден упатството го објавил во „Службен весник“, со што тоа стапило во сила, а на 20 истиот месец, врз основа на дополнетото упатство, донел решение за распределба на средствата за финансирање на политичките партии во висина од 0,06 отсто од буџетот на Македонија за 2010 година, или вкупно околу 1.330.000 евра.

Подоцна, и Уставниот суд ја укинува одредба од упатството на министерот за финансии Ставрески, со која сите политички партии што учествуваа на изборите добиваа процент од буџетот за финансирање на партиите. Судот утврдил дека со овие одредби, министерот воспоставил поинакви правила на распределба на средствата од буџетот за финансирање на политичките партии од правилата пропишани во Законот за финансирање на партиите.

На крајот, Јавно обвинителство ја отфрла кривичната пријава за Ставрески, а министерот и се заканува на Тасева со тужба за лажна кривична пријава.

Тасева истакнува дека според новите околности  треба да се испита работата на обвинителството по овој предмет, бидејќи се укажува на незаконско постапување.

 

Поврзани новости