Жељко Јоксимовиќ доаѓа на Охридско лето, од фестивалот тврдат дека ќе се почитуваат сите мерки на заштита

by Фокус

Балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ доаѓа во Македонија и ќе има свој настап на фестивалот Охридско лето на седми август, во Антички театар. Веста за неговото гостување за ,,Фокус” ја потврдија и од ПР службата на ФОЛ.

-Точно е дека Јоксимовиќ ќе гостува на фестивалот, кој започнува на четврти август и ќе трае до крајот на месец август. Тој ќе одржи концерт на седми, со почеток од 22 часот. За време на сите настани во склоп на фестивалот ги следиме препораките за заштита од Ковид-19. Ќе бидат испочитувани сите владини мерки, намален е капацитетот на посетители, има растојание од два метри. Бројот на гости секако дека ќе биде помал од 500 – појаснуваат од ПР службата.

Веста дека Жељко Јоксимовиќ доаѓа на настап во земјава ,,на нож” ја дочекаа голем број на наши музичари. На социјалните мрежи го искажуваат своето незадоволство, и како што потенцираат, неприфатливо им е музичари од странство да бидат на некој начин привилигирани, дури и во време на кризата поради пандемијата, која доста ја погоди нашата естрада.

-Сигурно Жељко нема да пее за 14.500 денари – реагираат нашите музичари, на кои Владата им понуди помош од 14.500 денари месечно во време на кризата поради откажаните настапи.

Од ФОЛ велат дека ќе одржат прес конференција во понеделник, каде ќе бидат презентирани сите детали и програмата на фестивалот. Исто така, додаваат дека концертот на Јоксимовиќ бил договорен пред пандемијата, кога се подготвувала програмата за годинешното издание на фестивалот.

-Во врска со синоќашните реакции на социјалните мрежи можам да го коментирам следново: Програмата на Охридско лето ја подготвуваме цела година и истата е работена по високи стандарди кои оваа наша реномирана манифестација ги негува со децении. Обидот некој да ја компромитира нашата работа и да го наруши угледот сметам дека нема да успее, бидејќи дури и во овие вонредни услови кога живееме во пандемија и битка со Ковид-19, почитувајќи ги сите протоколи, обезбедивме програма која ги зачувува високоестетските критериуми. Фестивалот Охридско лето во својата долгогодишна традиција со исклучително богатата уметничка вредност на класичната музика и театарот во рамките на својата програма реализира и настани кои се дел од дополнителната програма, ревијални концерти, со што ја збогатува културната содржина секако запазувајќи ги посебните критериуми на квалитет на изведувачите. Токму оваа година кога славиме 60 години од постоењето на Охридско лето како дел од реализацијата на вакви концерти покрај концертите на македонските уметници е и настапот на Жељко Јоксимовиќ, насловен како „Два света“ со симфониски оркестар од Белград, членови на белградската филхармонија кој пред се има за цел за приреди вистинско уживање и за пошироката публика како што практикуваме секоја година и сметам дека ќе биде висококвалитетен. Другите детали за програмата ќе ги соопштам на прес конференција за многу брзо време. Ветувам уште едно успешно издание и покрај новонастанатата ситуација – изјави директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости