Во судница прикажан барокниот замок, на два ката со огромен балкон и базен, кој Груевски сакал да го гради на Водно

by fokus

Барокен замок, на два ката, со огромен балкон и базен, распослан на огромна површина на Водно, требало да гради екс премиерот Никола Груевски на Водно.
Скица од архитектонскиот план за тоа како треба да изгледа овој објект денеска беше презентиран од обвинителката Лиле Стефанова, на судењето за “Плацевите на Водно”.

Од скицата можеше да се забележи дека станува збор за грандиозен објект, од два ката, а над нив се простира огромен балкон. Исто така од презентираниот доказ можеше да се види и вцртан голем базен.

Покрај големината на објектот, во очи паѓа барокниот стил, како и огромните столбови и скали кои водат кон влезот.

Според обвинителката Стефанова,
Општина Центар одобрението за градба го издало во октомври 2011 година, односно за изградба на резиденцијален објект по барање на фирмата ИТК инженеринг, а според обвинителството таен сопственик требало да биде Груевски. Во 2020 година пак решението за градба е прогласено за ништовно, бидејќи не било започнато со градба во предвидениот рок, иако биле платени комуналии од 3,5 милиони денари.

Според информациите на “Фокус”, кои веќе ги објавивме во неделникот, квадратурата на основата на замокот требало да биде 1.300 метри квадратни, или да зафаќа половина од плацот кој е со големина од 2.700 метри квадратни.

Груевски на премиерското столче седна во 2006 додина, а првиот имот на Водно, или парцелата на која требало да си изгради замок, го купува по три години.

Атрактивната парцела, распослана на 2.729 квадратни метри, ја купува на јавно наддавање во Министерството за транспорт и врски, на име на негов познаник, а за сума од 119.000 евра. Ова значи дека за еден квадрат платил по речиси 44 евра, или што би рекол самиот Груевски, џабалк цена за таква локација.

Парцелата се наоѓа во соседството на куќата на Вилма Трајковска, сопругата на покојниот претседател Борис Трајковски, чија парцела, колку за споредба, е со површина од 1.700 метри квадратни.

Наводно првичниот план на тогашниот премиер му бил да го продаде плацот и тоа за десет пати поголема цена од онаа по која тој ја купил или за по 400 евра за квадрат, односно за сума од над еден милион евра. Потенцијалниот купец бил најден, односно барал некој бизнисмен со многу пари, но тој сепак му кажал дена не е заинтересиран. Обвинителката најави дека токму овој бизнисмен наскоро ќе застане во судница и од прва рака ќе раскаже за неостварената бизнис зделка.

Откако идејата за продажба му пропаднала, Груевски наводно се пишманил, па решил лично за себе да си изгради палата, за што подоцна, на туѓо име, поднел и план за изградба на куќа во општина Центар.

„Фокус“ провери во Катастар дека оваа парцела е запишана на име на фирма.

Парцелата е заведена како „вештачко неплодно земјиште“, и се наоѓа во местото „Славејко Арсов“. Катастарската парцела е поделена на 33 парцели, од кои дел се градежно неизградено земјиште, паркови и мал број објекти.

Компанијата, пак, која е официјален сопственик на земјиштето, ИТК Инженеринг, според податоците од Централен регистер, е во постапка на бришење.
Инаку истата фирма не е деловно активна и со години нема остварено добивка.

Валентина Вурмо

Поврзани новости