(Видео) Илиевски: Пилотот самиот одлучувал за рутата, побарал дозвола за слетување, па се предомислил!

by fokus

Официјални податоци за причините поради кои се урна „цесната“ ќе има за 30 дена, но за да не се шират шпекулации, она што можеме да го кажеме во овој момент е дека пилотот побарал дозвола да слета на аеродромот, а потоа се предомисли. Ова на денешната прес-конференција го истакна претседателот и истражител на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи при Владата на РСМ Зоран Илиевски.

„Најмногу ја свикавме оваа прес-конференција да не се шират шпекулации во јавноста, затоа што тоа не е добро за истрагата и истата може да отиде во погрешна насока. Наша цел е секогаш прво да ги утврдиме причините за несреќата“, изјави Илиевски.

Според првичните информации, пилотот влегол во турбуленции и во лошо време.

„Така е дека пилотот најавил дека влегол во турбуленции. Меѓутоа јас во историјата не сум сретнал досега некој да најави дозвола слетување на некој аеродром поради лоши временски услови или поради било кој причини, и да не ја добие. Тоа што било најавено се само шпекулации. Од моите информации до сега, пилотот најпрво побарал дозвола, па потоа веднаш се премислил. Ова останува како мое сознание, а имаме побарано да ни се достават сите аудио снимки, па дополнително ќе се знае“, изјави Илиевски.

Тој истакна дека истражувачкиот тим има побарано од властите од Германија податоци за авионот, додека од бугарските власти историјата на пилотот кои ќе помогнат во истрагата.

„Службено ги бараме тие снимки затоа што тоа е дел од секоја истрага. Исто така побарани се извештаји за временската прогноза“, рече Илиевски.

Тој потенцираше дека пилотот самиот одлучува за рутата, и по сознанието за временските услови, самиот носи конечен став дали ќе полета.

„Пред да полета прво пилотот го пријавува летот, се информира за временските услови и прави план на летот. На крајот кога ќе ги собере сите информации, самиот носи одлука дали ќе полета“, додаде Илиевски.

Поврзани новости