Првиот човек на Кривичниот суд, Рибарев, се заплетка во новиот годишен распред, пак ќе го менувал

by fokus

По неколкуте измени на годишниот распоред за работата на судиите во Основниот суд Скопје 1, со кој беа прераспоредени и деградирани „неподобните“ судии, од судот најавуваат дека наскоро повторно ќе има измени и дополнувања на распоредот.

Судиите со кои зборувавме се затекнати, бидејќи како што велат, веќе не можат да го фатат редот, зошто за период од околу половина година беа неколку пати прераспоредени и тоа од неодамнешниот претседател Владимир Панчевски, па неговата наследничка Татјана Михајлова и од неодамна од новиот в.д. Стојанче Рибарев, кој на истиот ден кога стапи распоредот на сила, најавува нови измени.

Судиите велат дека вчера на состанокот со в.д. претседателот Рибарев присуствувал околу 70 судии и никој од нив не разбрал што сакал да каже.

-Она што јас успеав да го разберам е дека ние прераспоредените ќе продолжиме да ги водиме старите предмети, а ќе работиме и на нови, но од новото одделение каде што сме распоредени. Па така, ми беше најавено дека ќе ги работам старите кривични предмети, па потоа шофер ќе ме носи во Одделението за прекршоци. Не ми е јасно да не треба и доктор да бидам?, прашува судијата Седат Реџепагиќ, кој до неодамна судеше убиства, кражби, насилство, а сега ќе им суди на оние што сториле сообраќајен прекршок.

Од Кривичниот суд за новата одлука на Рибарев информираа преку соопштение.

-Судиите се известени дека во текот на денот Претседателот на судот ќе ги донесе потребните одлуки за операционализација на планот за работа и прераспределба на предметите за работа, според кои меѓу судиите ќе бидат прераспределени само прекршочните предмети за кои сеуште не е закажано судење, како и предметите за извршување санкции за кои воопшто не се закажауваат судења. Сите останати предмети кои веќе се во работа, ќе ги завршат судиите кај кои се распоредени и по кои постапуваат, а со тоа нема да има никакво непотребно одолговлекување на предметите и штетни последици врз странките, се вели во соопштението.

Во продолжение пак се најавуваат новите измени на распоредот.

-Истовремено Претседателот на судот ги извести судиите дека поради промена на околности, односно промена на број на предмети и заминување на одредени судии во пензија, ќе отпочне измена и дополнување на постојниот распоред за работа на судот во кој ќе бидат земени во предвид  и забелешките на судиите во однос на распоредот, стои во соопштението.

По ова последно заплеткува на в.д. претседателот Рибарев, судиите со кои разговаравме истакнуваат дека целта е неподобните судии да не дојдат во допир со предметите кои стигаат од СЈО, но и да не постапуваат по оние кои ќе стигнат од ОЈО, а се поврзани со крвавиот четврток во Собранието, а од друга страна да си ги водат предметите по кои веќе постапувале.

Според нив Рибарев и не смеело да биде избран за в.д. бидејќи според деловникот в.д. може да биде само судија од редовниот, во случајот Кривичниот суд, а тој беше донесен од Врховниот суд.

Со последниот распоред дваесетина судии беа прераспоредени и деградирани, а Врховниот суд ги одби нивните приговори со кои бараа да се вратат на старите места.

Поврзани новости