Утрово повторно се гради спорната улица на Кејот на Вардар

by fokus

На Кејот на Вардар од утрово има нов обид да се продолжи со изградба на бесмислената улица. Овластениот градежен инспектор на Општина Центар веќе се упати на лице место, за наодите веднаш ќе ја информираме јавноста, истакна градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Градоначалникот додава дека по веќе добро познатото сценарио, избран е ден недела, пред празник, продолжен викенд, рано наутро, кога сите спијат.

-Убеден сум дека сето ова е осмислено и организирано со цел да се дефокусира јавноста од немилите настани и дивеењето на насилниците во Собранието на Република Македонија. Истите луѓе и понатаму посакуваат инциденти и судири.
Во контакт сум со сопствениците на угостителските локали на Кејот, се очекува и нивната реакција, вели Жерновски.

Жерновски неодамна предупреди дека во посточекиот ДУП за Мал Ринг, никаде нема предвидено улица на кејот на Вардар, туку подземна сервисна улица, како што и јасно се гледа на планот.

Претседателот на општинската органзиација на СДСМ и директор на општинското претпријатие за паркинзи, Саша Богдановиќ, пак појаснуваше дека општина Центар неодамна успеала да ја спречи изградбата на оваа улица, но во меѓувреме Градот Скопје со законски измени и одзел дел до ингеренциите, за да може овој проект да го реализира инвеститорот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, кој, според Богдановиќ, е близок до власта.

Од Град Скопје, пак, реагираа дека тие ниту ја вцртале ниту ја градат оваа улица, туку тоа го прави приватен инвеститор, откако тоа е предвидено со детален урбанистички план, донесен токму од општина Центар.

Поврзани новости