Уставниот суд ниту овој месец нема да го оценува Законот за СЈО

by fokus

Пишува: Валентина ВУРМО

Иако Уставните судии уште пред пет дена се вратија на работа, по годишниот одмор, и овој месец нема во работа да ја земат иницијативата за испитување на уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство. Од Уставниот суд за „Фокус“ велат дека е можно оваа иницијатива на ред да дојде најрано последната недела од септември.

-По враќањето од одмор се средуваат материјалите, а наредната седница веројатно ќе биде закажана за крајот на септември. Иницијативата за Законот за СЈО се уште не е ставена на дневен ред, информираат од Уставниот суд.

Дневниот ред, пак, го прави претседателката на судот, Елена Гошева.

Уставниот суд при оценување на уставноста на законот има можност да донесе два вида одлуки: една за укинување на целиот закон или за укинување на одреден член или членови од законот, и одлука за поништување на целиот закон или за поништување одреден член или членови од законот. Доколку Уставниот суд донесе одлука за укинување на целиот закон за СЈО прогласувајќи го неуставен, тоа би значело дека СЈО ќе треба да биде укинато и дека ќе мора одново да биде формирано, што значи дека може да има и друг обвинителски состав.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, на последната лидерска средба се договорија доколку Уставниот суд го укине СЈО, тие да го вратат во рок од пет дена. Еве што пишува во нивниот договор:

а) Во случај доколку Уставниот суд одлучи дека Законот за Специјалното јавно обвинителство или некој негов дел е противуставен, четирите партии се обврзуваат на измена на законодавството во согласност со одлуката на судот и обвинителството да биде повторно основано во рок од пет дена, а согласно одлуката. Надлежноста и целите на специјалното јавно обвинителство остануваат исти.

б) Четирите партии го повикуваат Уставниот суд да одлучи за законот за специјалното јавно обвинителство во најкус можен рок, на првата наредна седница.

Но, според едно од сценаријата кое кружи во јавноста, можно е Уставниот суд да го укине СЈО, по 12 октомври, кога Парламентот ќе биде распуштен, за да не се изнајде можност повторно да се формира. Доколку ваквата замка и биде поставена на опозицијата, можно е да се очекува тие да се заканат дека нема да излезат на избори.

 

Поврзани новости