Уште во 19-ти век имавме своја болница, зошто сега да правиме патни трошоци до Кавадарци за вакцинација, реагираат велешани

by fokus

Откако вчера започна со работа регионалниот пункт за вакцинација против Ковид-19, сместен во спортската сала ,,Јасмин” во Кавадарци, голем број на велешани прашуваат зошто во нивниот град не се отвори пункт за масовна вакцинација, бидејќи на овој начин им се одзема повеќе време, но имаат и патни трошоци до Кавадарци и назад.

Имено, во Кавадарци дневно се вакцинираат по околу 1.000 граѓани од Повардарскиот регион, односно од Кавадарци, Неготино, Велес, Градско, Дојран, Богданци, Гевгелија и Демир Капија.

Постари велешани велат дека нивниот град помеѓу првите во земјата имал болница. Потсетуваат дека уште во 1860 година, во состав на турската касарна била отворена првата болница, во која покрај војниците, се лекувале и граѓаните.

На почеток работеле лекари од Турција, Ерменија и Македонија, а во подоцните години, односно до крајот на Втората Светска војна, имало и лекари од Америка и други земји. Капацитетот бил 150 легла, поделени во три оддели за деца, возрасни и заразни болести. Болницата имала операциона сала, аптека, кујна, перална и убаво уреден парк.

Токму поради тоа, деновиве велешани реагираат дека тие, жителите на градот кој помеѓу првите имал своја болница, денес заслужуваат свој вакцинален пункт каде би доаѓале и жителите на Градско, Лозово, и Чашка, со цел да заштедат на трошоци за патување, но и на време.

Инаку, во Велес функционираат два пункта за вакцинација во здравствениот дом, и таму дневно можат да се вакцинираат по околу 120 лица, со навршени 75 години, кои се пријавиле кај своите матични лекари или пак преку официјалната страница Вакцинација.мк.

Околу тоа, дали се размислува за отворање на пункт за масовна вакцинација во Велес, и околу неофицијалните информации дека спортската сала ,,Гемиџии” би била пренаменета за таа цел, нема податоци од надлежните служби.
,,Фокус” го контактираше и министерот за здравство Венко Филипче на темава, односно дали е во план во скоро време Велес да добие свој регионален центар за масовна имунизација, но до објавата на веста не добивме повратен одговор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости