Триесеттемина уапсени за тероризам добија притвор од 30 дена

by Фокус

Од Основниот суд Скопје 1 информираат дека во текот на вчерашниот ден, во неколку одвоени групи биле спроведени вкупно 30 лица осомничени за повеќе кривични дела, за кои Јавното обвинителство дало предлог за определување мерка притвор.

„Станува збор за 18 лица, државјани на Косово, две лица државјани на Р.Македонија со привремен престој во Косово, 9 лица државјани на Р.Македонија и едно лице албански државјанин со престој во Германија. Повеќето од нив се произнеле дека во Р.Македонија се влезени на илегален пат. Сите 30 лица се со предлог за опредлеување мерка притвор од ОЈО за организиран клриминал и корупција и тоа 23 лица заради основано сомнение дека ги сториле кривични дела:
Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од КЗ
Здружување заради непријателска дејност од член 324 ст.2 од КЗ и
Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 ст.2 в.в со ст.1
Останатите 7 лица заради основано сомнение за кривичните дела:
Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од КЗ и
Здружување заради непријателска дејност од член 324 од КЗ“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.
Оттаму додаваат дека по спроведување на осмничените лица во Основниот суд Скопје 1 – Скопје поеднично за секое лице во присуство на адвокат и овластен преведувач кој бил повикан по нивно барање, судија на претходна постапка ги разгледал доказите и фактите приложени од ОЈО за организиран криминал и корупција и оценил дека се исполнети условите за определување на мерка притвор и на сите 30 осомничени им определни мерка притвор во траење од 30 дена .
Од Обвинителството пак информираа дека во текот на вчерашниот ден, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција извршил увид на местото на настанот во Куманово, во населбата „Диво насеље” и прибрал докази за кои сметал дека ќе бидат од значајна корист во понатамошната истражна постапка.

„Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција издаде Наредба за обдукција на сите починати лица. Истражната постапка продолжува“, велат од обвинителството.​

Поврзани новости