Судијката која треба да им суди на 7-те вработени во УБК, бара дополнителни документи од СЈО

by fokus

Судијката, која треба да го води случајот против седумината вработени во УБК, кои се обвинети за уништување на службена документација, за да наводно го сокријат нелегалното прислушување, а за кој пред неколку дена Специјалното јавно обвинителство (СЈО) достави обвинителен предлог, се уште не одреди датум за судење, туку побара дополнителни документи од СЈО.

Поточно судијката Лидија Петровска, назад, до СЈО, ги вратила доказите бидејќи како што појаснуваат од судот недостасувал документ дека на дел од доказите е извршена декласификација, за да можат да се стават во употреба во судот.

-Основен суд Скопје 1 –  Скопје информира дека судијата кој треба да постапи по обвинителниот предлог во скратена постапка против Г.Г. и други лица осомничени лица за кривичното дело „Фалсификување службена исправа“ од чл.361 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ, поднесен од страна на Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), со допис ги врати доставените докази во прилог на обвинителниот предлог на СЈО. Имено во дописот се наведува дека во прилог на доставениот обвинителен предлог против осомничените лица, доставена е и листа на докази и попис на списи со приемница, меѓутоа од содржината на пописот не произлегува дека е доставен акт за декласификација на доказите за потребите на судската постапка врз основа на кој класифицираните докази може да се користат во постапката, односно да може да се оцени основаноста на обвинението, со оглед на тоа што без ваков акт, истите не може да бидат користени од страна на судската служба, за оформување на списите на предметот, информираат од Кривичниот суд.

Бидејќи овој случај се водеше по скратена постапка, обвинителниот предлог не подлежи на оцена, но судијата кој го доби предметот може да го прифати обвинението или да го отфрли. Во случајот, како што посјаснуваат од судот, не станува збор за отфрлање, туку за барање на дополнителни поотребни документи.

Судијката која го доби овој предмет, се споменуваше во едена од „бомбите“ на СДСМ. Петровска се споменува во разговор наводно воден меѓу судијката Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Се уште не е закажан термин за главна расправа и за вториот случај кој Кривичниот суд го доби од СЈО, односно за насилните протести пред општина Центар. Овој случај е во рацете на судијката Татјана Михајлова. Оваа судијка е позната во јавноста по тоа што ја водеше истрагата за случајот „Ликвидација“, во кој на затворска казна од 4,6 години беше осуден новинарот Томислав Кежаровски, а потоа Апелациониот суд му ја намали казната на две години.

Во овој случај обвинети се 14 лица кои се осомничени за кривичното дело насилство, меѓу кои јавноста ги препозна и екс премиерот Никола Груевски и екс министерот Миле Јанакиески.

 

Поврзани новости