Столтенберг: На 23 февруари лани отидов во кревет, со знаење дека за неколку часа почнува масакр

by fokus

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека заминал на спиење во пресрет на ноќта на 24 февруари 2022 година, знаејќи дека за неколку часа ќе почне руската инвазија во Украина и ќе го разбудат.

„Отидов во кревет, но ноќта беше многу кратка, бидејќи знаев дека во некоја фаза, во рoк од неколку часа, некој ќе ме пробуди. Така и беше. Околу четири часот ме повика началникот на штабот и само кратко ми рече – „почнаа“. Не беше изненадување, бидејќи знаевме“, рече Столтенберг во интервју за АФП, во пресрет на руско-украинската војна.

Додека многумина ширум светот беа крајно убедени дека Москва нема да ризикува целосен напад, за генералниот секретар на НАТО не постоел сомнеж дека Путин е подготвен да тргне, пренесува „Франс 24“.

„Можно е да се биде шокиран од бруталноста на војната. Но, нема начини да бидете изненадени, бидејќи тоа навистина беше нешто што беше предвидено со месеци пред инвазијата“, нагласи тој.

Една година од почетокот на војната, која однесе десетици илјади човечки животи, и според многумина ја загрози европската безбедност, Столтенберг ја предупреди Алијансата дека мора да биде подготвена за нова ера на конфликт со Русија кој би можел долго да трае.

Поврзани новости