Шекеринска со апел до опозицијата: Не смееме да ја испуштиме историската шанса!

by fokus

По средбата со генералниот секретар на НАТО во новото седиште на Алијансата во Брисел, Владимир Мирчески од „360 Степени“ направи интервју со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

– Големата порака којашто ја упати генералниот секретар на НАТО, Столтенберг е дека во јули на овој самит во Брисел можеме да очекуваме да се исправи неправдата од 2008 година. Тоа што не успеавме да го добиеме во 2008 во Букурешт – поканата за НАТО, ќе ја добиеме во јули во Брисел. Се разбира дека процесот за зачленување во НАТО, како и кај другите држави, трае одреден временски период. Она што го најави генералниот секретар е дека очекува многу брзи преговори кои ќе траат неколку месеци. Тоа значи дека на самиот крај на оваа година или на почетокот на 2019 Македонија ќе почне да учествува на сите средби на НАТО речиси како полноправна членка. А дека членството ќе дојде кога целата ратификација на договорите ќе заврши во 29-те земји членки. Меѓутоа важната порака е дека оваа година во јули Македонија ќе ја добие поканата, очекуваме и ќе работиме следната година да го заокружиме целиот процес и да станеме полноправна членка – рече Шекеринска.

Таа упати и апел во однос на гласањето.

– Апелираме и до опозицијата и до граѓаните на Република Македонија, дека нашата држава не смее да си дозволи да ја испушти оваа историска шанса. Видовме колкава цена плаќаме како држава поради пропуштената шанса во 2008 година. Видовме колку тоа не чинеше и во поглед на политичка криза, и во поглед на секакви внатрешни демократски, медиумски, правосудни проблеми. 2018 означува една декада по ветото од 2008 година во Букурешт. За 10 години Македонија го изгуби чекорот со речиси сите земји во регионот, и во поглед на НАТО и во поглед на ЕУ. Историска е одговорноста да не дозволиме тоа повторно да се случи – рече Шекеринска.

Поврзани новости