Рустеми: По барање на Јанева не замрзнав еден стан на осомничениот Главчев, а потоа дознав дека е на Сашо Василевски

by fokus

Обвинителот Бурим Рустеми, кој беше дел од тимот на СЈО, денеска сведочеше во Кривичниот суд, на рочиштето за случајот “Рекет”.

Тој на прашање на обвинителката Гордана Смаќовска зборуваше за истрагата за “Поштенска банка”.

-Предметот ми беше доделен од поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Предистрагата траеше околу една година, а се оформи врз основа на еден разговор од “бомбите” каде забележавме дека постојат основи на сомнение дека одредени лица сториле тешки кривични дела. Се работеше интензивно се до моментот кога беше решено да се отвори истрага, во октомври.

Следуваа и предлози за притвор, за тројца осомничени, меѓутоа судијата на претходна постапка оцени дека се неосновани. На осомничените Коле Смилевски, Томе Главчев и на Ратко Димитровски да им одреди мерки на претпазливост, а на Смилевски му беше одземан пасош. Следуваше жалба, по што и на останатите двајца им се одземаа пасошите. Потоа, следуваше подготовка за замрзнување на имотот на дел од осомничените, на Главчев и Димитровски, рече обвинителот Рустеми.

На прашањето дали имал напатствија од Јанева за определена недвижност, Рустеми рече:

-Врз целиот имот се подготвуваа предлозите да се забрани отуѓување. Сакам да наведам еден момент, дека за еден стан, кој се наоѓа во Скопје, а беше на едно од друштвата на Главчев, Јанева побара да се тргне тој стан од предлогот за замрзнување, бидејќи бил веќе продаден на нејзина пријателка, па да не и се наштети. Го сторив тоа, и предлогот го доставив во суд, рече Рустеми.

Тој појасни дека се согласил со тоа зошто не се сомневал дека не е така како што кажува Јанева.

-Се работеше за голем имот, па тој стан немаше голема улога. После неколку месеци разговарајќи со колешката Лиле Стефанова, таа знаеше за станот, и по нејзините проверки дознала дека можно е сопственик на станот е Сашо Василевски, екс директор на МЕПСО и член на Советот на јавни обвинители. Таа информација не ми беше пријатна, рече Рустеми.

В.В.

Поврзани новости