Ромео: Подготвени сте за преговори, треба да ја исправиме грешката во март

by fokus

Италија останува на позицијата дека отворањето преговори на Северна Македонија со ЕУ треба да биде во пакет со Албанија, зашто и двете земји постигнале напредок во реформите, вели италијанскиот амбасадор Карло Ромео во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој се надева дека дебатата за новата методологија нема да се претвори во нов услов и одложување на отворањето преговори.

Амбасадоре Ромео, дали новата преговарачка методологија за членство во ЕУ ќе ја искомплицира процедурата за отворање преговори со Македонија?

Политиката за проширување е сè уште фундаментална и суштинска политика на ЕУ. Се согласивме дека ЕУ треба да е поподготвена за нови проширувања. Како и да е, мислиме дека новата методологија може да се одвива паралелно со реформите на ЕУ. Значи може да се одвива паралелно со процесот на отворањето преговори, што по природа е долг процес, технички и се базира на мерит-системот за секоја потенцијална членка посебно. Во контекст на оваа рамка, Италија се согласува дека ќе учествува во преговорите за новиот предлог за методологија и нашата цел е да имаме поефективен процес, кредибилен и политички предвидлив. Нашата идеја која е на нон-пејпер кој Италија заедно со други ЕУ земји-членки ја презентираа, е со конкретни реформи за оваа методологија, идејата е сосема спротивното. Не да го комплицираме процесот, туку да имаме поефективен, политички предвидлив динамичен процес. Нашиот пристап, сугестии и идеи се потпираат на еден услов. Секако дека прифаќаме дијалог, ќе учествуваме во преговорите, но ние не сакаме оваа дебата за новиот механизам да се претвори во нов услов, а особено дека тоа не треба повторно да го одложи отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Ја очекуваме анализата на предлогот од ЕК кој ќе се објави во почетокот на февруари. Ние остануваме во истиот дух, отворен дијалог и конструктивен пристап.

Гледате ли шанси за датум за преговори на претстојниот самит во мај во Загреб?

Позицијата на Италија е многу јасна и транспарентна. Ние се надеваме дека Северна Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ многу брзо. Се надеваме дека тоа ќе биде на следниот Совет на ЕУ во март. На самитот во Загреб, ЕУ-Западен Балкан, нема да има одлука за отворање преговори, тој самит нема да биде за тоа. Нашата надеж е преговорите да се отворат што поскоро, првата можност за тоа ќе биде Советот во март. Северна Македонија ги исполни сите критериуми за да ги отвори преговорите, заедно со Албанија. Тоа е одлука која ние ја заземавме уште во 2018 година, потоа лани во јуни и на за жал разочарувачкиот самит во октомври минатата година. Значи, земјата е подготвена да почне преговори.

Дали донесувањето на законот за јавно обвинителство е гаранција дека Северна Македонија ќе почне преговори со Унијата?

Како што реков претходно, Италија го поддржува отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија многу скоро. Мислиме дека двете земји направија важни реформи кои беа побарани од ЕУ. Северна Македонија треба да продолжи со реформската агенда. Посебно во владеењето на правото, независност на судството, со сериозна борба против корупцијата и организираниот криминал. Во овој контекст, секако дека донесувањето на законот за јавно обвинителство пред да се распушти Собранието ќе биде важно, тоа ќе биде многу добра порака и сигнал до Брисел и земјите членки на ЕУ, но според наше уверување тоа не е нов предуслов за отворање преговори со ЕУ.

Што ако и овој пат не се постигне согласност за отворање преговори, разочараноста кај македонската јавност е и онака веќе присутна?

За жал, неуспехот од позитивна одлука во октомври беше историска грешка, рече италијанскиот премиер Конте веднаш по самитот. Историска грешка, која сега треба да ја поправиме. Сметаме дека со оваа грешка може да се предизвикаат конкретни последици, не само за стабилноста на Северна Македонија, туку за жал и стабилноста и интеграциските процеси на другите земји од целиот регион. Бидејќи ако ги блокирате преговорите со две земји како Северна Македонија и Албанија, се разбира дека тоа ќе има влијание и врз другите земји во регионот. Секако дека го разбираме чувството на фрустрација кај македонските граѓани, но мислам дека сега е моментот да се поправи оваа грешка.

Поврзани новости