Пломп: Бев шокиран кога ги слушнав „бомбите“, на СЈО да му се овозможи да ја заврши работата

by fokus

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп во неделното интервју за Радио Слободна Европа изјави дека СЈО е исклучително важна институција за успехот на договорот од Пржино и надминување на политичката криза. Тој вели дека треба да му се дозволи на Специјалното обвинителство да ја исполни важната улога која му била доделена и да ја заврши својата работа и дека Холандија секогаш ја поддржувала оваа институција.

-Мислам дека најважната работа со која треба да почнеме кога зборуваме за СЈО е тоа дека се работи за институција за која постоеше согласност на сите четири политички партии кои учествуваа во пржинскиот процес. Сите тие се согласија во врска со потребата да се основа ваква институција и во врска со начинот на кој тоа треба да се направи. Оттука, имајќи превид дека институцијата очигледно е зафатена со својата работа и сè уште не ја завршила, треба да ѝ се дозволи да ја исполни важната улога која ѝ беше доделена. Дозволете ми да додадам дека кога јас првпат слушнав за прислушуваните разговори и нивната содржина, бев шокиран и си помислив дека ако такво нешто се случеше во Холандија, граѓаните со сигурност ќе бараа целосно разјаснување за работите и целосна одговорност за тие кои учествувале во нив, независно од тоа од која партија или од која страна доаѓаат, вели Пломп.

Тој додава и дека ја поддржуваат работата на СЈО.

-Мојата земја секогаш го поддржувала СЈО токму поради тоа што тоа е витална институција на договорот од Пржино и таа е од клучно значење за успехот на тој договор за надминување на политичката криза. Не се работи само за одржување избори и избор на нова влада, туку исто така и за утврдување на вистината за тоа што се случило и за утврдување на одговорноста, затоа што јас силно верувам дека политиката на неказнивост само ќе ја пролонгира политичката криза, вели Пломп во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Поврзани новости