Од шест месеци до пет години затвор им се заканува на Груевски и Јанкиески

by fokus 21:06
21:06

Од шест месеци до пет години затвор им се заканува на обвинетите кои Специјалното јавно обвинителство ги гони за насилниот протест што во 2013 година се случи пред Општина Центар. Од СЈО денеска соопштија дека во овој предмет обвинети се 14 лица, од кои петмина за поттикнување, а деветмина за насилство.

За овие кривични дела во Кривичниот законик е пропишана затворска казна од шест месеци до пет години.

Еве што пишува во Кривичниот Законик:

„Насилство Член 386 (1)Тој што друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. (2)Ако делото е извршено во група од две или повеќе лица или насилството е извршено над повеќе граѓани или сторителот телесно повредил друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“.

Поттикнување Член 23 (1)Тој што друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот. (2)Тој што друг со умисла го поттикнува на извршување кривично дело за кое според законот може да се изречат пет години затвор или потешка казна, а нема да се направи ни обид за дело, ќе се казни како за обид на кривично дело.

СЈО не ги именуваше обвинетите, поради како што рекоа, почитување на начелото на пресумпција на невиност, но посочија дека во тој период двајца од нив биле носители на функции во извршната власт. Исто така дополнија дека како доказ за тоа е и снимен телефонски разговор, во кој едиот функционер го нарачува насилството, а другиот без да се спротистави ја прифаќа дадената задача да ангажира лица кои ќе протестираат.

Во јавноста досега беше објавен разговор со таква содржина, од страна на опозициската СДСМ, која тврдеше дека го водат екс министерот Миле Јанакиески и тогашниот премиер Никола Груевски.

А разговорот течеше вака:

„Во петок ќе му собереме 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, нели имаат право граѓани да влезат. Па да видиме, да размислиме, дали еден да стане и три- четири јаки шамари да му врзе пред сите. Не може ништо да му се направи (на сторителот), нема тешка телесна повреда за кривична, има само за прекршочна“, вели во телефонскиот разговор премиерот Груевски.

Според СЈО, државните функционери од лукративни причини го организирале и поттикнале насилството врз општина Центар со цел да ја запрат измената на Деталниот урбанистички план „Мсал ринг“, со што би се нарушиле нивните и бизнис интересите на партискиот врв и на одредени бизнисмени.

СЈО утврдило дека владејачките функционери лажно создавале атмосфера дека општина Центар планира да ја запре изградбата на црквата Св. Константин и Елена, иако такво нешто не било планирано. Наредбата за организирање насилни протести биле дадена директно преку органите на партијата, а и предметите со кои се напаѓала бараката на општина Центар биле организирано носени со возило.

Во Кривичниот суд специјалните обвинителки денсека поднесоа и обвинителен предлог за Уништување на доказниот материјал за неовластеното прислушување во УБК. Тие појаснија дека во овој случај обвинети се седум лица – службеници на Управата за безбедност и контраразузнавање кои организирано го уништиле доказниот материјал, поточно на 2.047 страници, во врска со неовластеното прислушување кое се одвивало во периодот од 2008 до 2015 година.

„Еден обвинителен предлог е поднесен против 7 лица за сторено кривично дело Фалсификување на службена исправа од член 361 став 2 в.в. со став 1 в.в. со член 22 од Кривичниот Законик, истакна обвинителката Фатиме Фетаи.

Во Кривичниот закони за ова кривично дело е предвидена затворска казна од три месеци до пет години.

„Фалсификување службена исправа Член 361 (1)Службено лице кое во службена исправа, книга или спис ќе внесе невистинити податоци или нема да внесе некој важен податок или со свој потпис, односно со службен печат ќе завери службена исправа, книга или спис со невистинита содржина или со свој потпис, односно со службен печат ќе овозможи правење службена исправа, книга или спис со невистинита содржина, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години. (2)Со казната од став 1 ќе се казни и службено лице кое исправите од тој став ќе ги употреби во службата како да се вистинити или ќе ги уништи, прикрие или во поголема мера ќе ги оштети или на друг начин ќе ги направи неупотребливи, пишува во Кривичниот Законик.

 

 

Поврзани новости