Обвинителството ќе ја обжали условната казна на екс советникот на Чулев, бараат затворска казна

by fokus

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека се незадоволни од пресудата со која на обвинетиот Зоран Ѓорѓевски му е изречена условна осуда и најавуваат дека по добивањето на писмената пресуда ќе поднесе жалба.

Ѓорѓиевски беше поранешен советник на екс министерот Наќе Чулев, а беше обвинет за напад на командир во Тетово.

-На рочиштето одржано на 20.01.2020 година во Основниот кривичен суд Скопје, по признание на вина обвинетиот Зоран Ѓорѓевски е огласен за виновен и му е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Имено, обвинетиот Зоран Ѓорѓевски како лице со полициски овластувања – државен советник за полициски и криминалистички работи во кабинетот на Министерот за внатрешни работи, при вршење на службено дејствие и контрола на работењето на СВР Тетово сторил кривично дело Насилство предвидено и казниво по член 386 став 3 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 15.07.2020 година на раскрсница во Тетово, при вршење на увид за случена сообраќајна незгода, го навредувал и вршел грубо насилство врз оштетениот З.Т. – командир на ПС Тетово и притоа му нанел телесни повреди, информираат од обвинителството.

Оттаму додаваат дека надлежен јавен обвинител од Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава и спроведената истражна постапка, до Основниот кривичен суд поднесе Обвинителен предлог.

-Во обвинителниот предлог обвинителството побара од судот по одржана главна, јавна расправа и оценка на сите докази, обвинетиот Зоран Ѓорѓевски да биде огласен за виновен за кривично дело Насилство и да му биде изречена казна согласно закон.

Во Кривичниот законик ​за кривичното дело Насилство од член 386, став 3 е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години, велат од обвинителството.

Поврзани новости