Нуредини: Имаме план за расчистување на дивите депонии

by fokus

Имаме план за расчистување на диви депонии, но за жал постојат нелегални депонии секаде низ државата, изјави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во одговор на прашање на прес-конференцијата, додавајќи дека на тоа прашање работат со сите градоначалници на сите општини во државата.

– Имаме соработка со Швајцарската амбасада за депонијата Русино. Работиме во Северниот и Североисточниот регион, имаме активности и на тој план, 39 камиони се веќе испорачани. И во Југоистокот и во Југозападот имаме активности во насока на креирање на централен систем за отпад, посочи Нуредини.

Според него, официјална бројка колку диви депонии има во државава нема, бидејќи стаува збор за нелегални депонии.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање околу дивите депонии нагласи дека има сериозна намера да го засилат инспекцискиот надзор и да влезат во конечно казнување.

– Барањето на Градот до Министерството за правда меѓудругото е и во измените од кривичниот законик кои следат, кај луѓето кои се затекнати да прават дива депонија, да бидат одземани како средства со кои е извршено кривичното дело и камионите кои ги имаме видено на определни места дека тоа го прават. Ако влеземе во една построга казнена политика со перманентен надзор на надлежните органи, тоа е инспекциските служби општински, државниот инспекторат каде веќе воспоставуваме нова поквалитетна соработка, но и МВР, ќе успееме да спречиме создавање на вакви точки, рече Шилегов.

Тој рече дека битката со малите депонии е перманента и секојдневна и е станата дел од редовното работење на јавните градските претпријатија.

– Останува Вардариште како фундаментален проблем, можеби и државен кога се депониите во прашање, односно санацијата на Вардариште како поранешна депонија на градот Скопје, така што ние досега имаме вкупно расчистено некаде по пресметките што ги има направено Комунална хигиена, околу 130 илјади кубни метри отпад од различен вид и карактер кој не е оној редовен комунален отпад, посочи Шилегов.

Во однос на старите возила во градот, Шилегов рече дека на општинско ниво имаат договор меѓу градоначалниците за нивно отстранување, но, како што рече, постојат законски проблеми, односно без согласност на сопственикот не може да се подигне возилото.

– Нашите анализи покажуваат дека во овој момент на различни локации во градот, можеби најмногу во Центар и Карпош имаме околу 1100 стари возила кои стојат и зафаќаат и паркинг места и ја нагрдуваат сликата, но не можеме таа акција да ја спроведеме до крај бидејќи не смееме без согласност на луѓето да ги отстраниме тие возила и таков тип на законски измени едноставно мора да имаме како држава за да можеме тој тип на возила без согласност на луѓето да ги подигаме, рече Шилегов.

Поврзани новости