Нелегален бизнис во Идризово: Осуден на доживотен затвор купил перална, па им наплаќа на затворениците за перење алишта

by fokus 11:29
11:29

Затвореник кој издржува казна во затворот „Идризово“ обвинува дека осуденик (чиј идентите е познат на „Фокус“) пред неколку месеци купил машини за перење алишта, наводно со дозвола на директорот Живко Пејковски, и им наплаќал за користењето на останатите затвореници.

Затвореникот, револтиран, бидејќи не сакал да плаќа за перењето на алишта, преку свои роднини ја сподели оваа информација со „Фокус“, додавајќи дека осуденикот кој ги набавил пералните одлежува казна доживотен затвор, а таму се однесувал како шериф.

„Фокус“ оваа информација ја потврди уште од двајца затвореници, кои ни посочија дека ваквата услуга ги чини од 150 до 200 денари, иако треба да биде бесплатна и обезбедена од затворот.

За став го прашавме и директорот на затворот, Пејковски, кој истакна дека не е точно дека дал дозвола на затвореник да купи машини за перење, појаснувајќи дека затворот си има своја перална.

-До вас медиумите стигнуваат многу информации од затворот, но поголемиот дел не се точни. Никому не сум дал дозвола да купи перална, а во затворениот дел за кој зборувате има една централна перална, која е купена пред повеќе од 20 години, и таму се перат алиштата. Во неа работат осуденици, па и лицето кое го посочувате, па затоа ќе истражиме дали можеби им наплаќа или ги рекетира останатите затвореници, ни изјави директорот Пејковски.

Во затворениот дел на затворот, според директорот, сместени се 670 затвореници, кои користат една поголема перална, која ја нарекуваат централна. Вели дека има ред, односно се пере по спратови.

Пејковски вели дека затворениците често пати ја злоупотребуваат телефонската говорница во затворот, па до медиумите шират невистини. Потсетува дека пред две недели затвореник пријавил дека има поставено бомба во зградата на Собранието. Лажниот пријавувач се уште не е откриен, бидејќи под сомнеж се 100 затвореници.

Валентина Вурмо

Поврзани новости