Министерката за финансии со три сценарија за Буџетот: Со поволното дупката би се зголемила за 700 милиони евра, а според најнеповолното за 1,3 милијарди евра

by fokus

Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес конференција ја презентираше состојбата во која се наоѓа државниот Буџет, а презентираше и три сценарија кои би можеле да се очекуваат како последица од борбата против корона вирусот.

-Буџетот е план за наплата на приходите, и согласно тоа и план за трошење на расходите. Реализацијата на буџетот започна добро оваа година. Економската активност бележеше раст и првите два месеци имавме одлична реализација согласно планот. Буџетот не е куп пари кој државата ги има на почетокот на годината, па потоа ги троши, туку Буџетот е проекција за тоа како ќе се полни државната каса и како ќе се празни, односно како ќе се реализираат расходите.

Ликвидноста на Буџетот метафорично можеме да ја споредиме со една цевка со вода, па така во првите два месеци млазот беше навистина силен, односно согласно планот, и така и се трошеше. Затоа велевме дека ликвидноста е одлична и Буџетот е во добра кондиција. Така беше и на почетокот на март. Наплатата во јануари беше зголемена за 4,6%, и февруари за 4%, за разлика од минатата година.

Превземањето на мерките за заштита од корона вирусот и ставајќи го здравјето на граѓаните на прво место, делуваше на намалување на даночната активност, што се рефлектираше врз полненењето на буџетската каса. Почнувајќи од 20 март се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25% на дневно ниво, или за пад на даночните приходи за месец март од 11% споредено со минатата година, истакна министерката.

Таа ги презентираше и трите сценарија кои биле изготвени во министерството.

-Во изминатиот период во Министерството за финансии се изготвија неколку сценарија за справување со кризата. Воглавно, имаме три основни сценарија кои ги нарекуваме поволно, неповолно и најнеповолно сценарио. Кај сите сценарија најголем пад на даноците се очекува во вториот квартал и тоа од 40 до околу 65% во споредба со претходната година.

Колкава ќе биде таканаречената дупка зависи од тоа колку точно ќе се зголемат потребите за финансирање и кое од овие сценарија ќе биде реалност. Планот за 2020 година беше предвидено дефицитот да изнесува околу 300 милиони евра. Но, сега колку ќе биде поголем дефицитот ќе зависи од тоа колку ќе се намалат приходите, рече министерката која додаде дека се предлага кратење на непродуктивните трошоци.

Таа ги сподели проекциите за трите сценарија.

-Првото сценарио, или поповолното сценарио, предвидува вкупен пад од околу 20% на вкупните приходи на буџетот во однос на планот. Или намалување на приходите за околу 700 милиони евра, или за толку би се зголемил дефицитот. Тој беше проектиран на 300 милиони евра и дополнително за овие 700 милиони евра. Во второто сценарио ако падот изнесува 30%, потребите би се зголемиле за 1 милијарда евра. И кај третото, најнеповолното сценари, доколку приходите паднат за 40%, дополнителните потреби би биле за 1,3 милијарди евра, истакна министерката.

Поврзани новости