Матурантите ќе полагаат два екстерни и два интерени предмети

by fokus

Премиерот Зоран Заев и лидерот на средношколците, Бленди Ходаи, објавија дека е најдено решение за полагање на државната матура. Ќе се полагаат два екстерни предмети, додека еден преминува во интерен, ќе се формира работна група од Бирото за развој на образованието и Сојузот на средношколци, во која ќе има и наставници, а ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити и со неа ќе претседава претставник од Кабинетот на премиерот.

Полагањето според новиот модел од два екстерни и два интерни предмети (досега беше 3+1) се одложува за една недела – наместо на 29 мај, ќе биде на 5 јуни.

Вака накусо изгледа компромисното решение што е постигнато во преговорите меѓу Владата и Сојузот на средношколци, со што се затвора прашањето за тоа како ќе се полага држaвната матура годинава.

Премиерот Заев рече дека на ваков начин ќе се обезбеди овие матуранти да можат да конкурираат на универзитетите и тука и во странство, што е целта на државната матура.

– Ги охрабруваме сите млади да бидат гласни и да се борат за подобрување, и да ни укажуваат на секој проблем, кој низ дијалог ќе го решаваме – изјави Заев.

Честитки за нашата упорност, бидејќи го добивме заслуженото внимание од институциите и од премиерот и дојдовме до компромис кој ги штити интересите на сите ученици, рече Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот на средношколци.

-Ние не баравме да не учиме, туку да има промени во начинот на полагање на матурата, да биде приспособено на услови што одговараат на наставата, како што таа се одвива, рече Ходаи.

Тој појаснува дека Владата и премиерот Заев ги прифатиле овие барања како дел од заедничкиот компромис:

-Се согласивме бројот на екстерни испити да остане 2 (два) согласно нашето прво барање, додека третиот екстерен испит е симнат на ранг на интерен. Со тоа ниту еден матурант не би имал проблем при упис на факултет тука или во странство и повторно би имал 4 (четири) предмети кои му се бараат за упис, појаснува Ходаи.

Поврзани новости