Македонските војници во Авганистан: Шест месеци живот под строги војнички правила

by fokus

На нешто помалку од две илјади метри надморска височина во тесната долина меѓу планинскиот венец Хиндукуш се наоѓа Кабул. Се смета за еден од највисоките главни градови во светот. МИА имаше можност да престојува во базата на аеродромот Хамид Карази во Кабул, каде е сместена Командата за обука, советување и асистенција –Главен Град (КОСА-ГГ)

Во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, Македонија учествува со 49 припадници на АРМ, а како што МИА веќе објави во првиот дел од репортажата тие се распоредени на три локации, во КОСА-ГГ, во Командата на мисијата во Кабул и во КОСА-Север.

Зад границите на базата на подножјето на околната планина се гледаат згради некои изградени, некои во изградба, но сите напуштени, по наредба секако од безбедносни причини, таму да не се населува локалното население.

Базата наликува на мини град, а оние кои служат во неа наликуваат на едно семејство составено од различни нации, кои секојдневно ги делат обврските, но и се дружат во слободното време. Движењето во неа е строго регулирано, за оние кои доаѓаат однадвор, не смеат да се движат без придружба од една до друга локација, во спротивно следи интервенција на воената полиција и сместување зад решетки.

Секојдневие за жителите на базата е звукот на надлетувањето на хеликоптери, вклучување на сирените со кои се најавува некоја воена вежба, а понекогаш и по некоја експлозија, но сепак, како што велат припадници на македонскиот контингент во разговор за МИА, тие се чувствуваат безбедно.

Ситуацијата во Авганистан генерално е подобрена, но сепак е далеку од мирна. Додека македонската делегација беше во посета на македонските мировници, во близина на базата на аеродромот во Кабул се случи самоубиствен бомбашки напад,  во кој загинаа 55 лица, а над 70 беа повредени.

Под строгите правила на НАТО, со ред и дисциплина, припадниците на македонскиот контингент ги поминуваат деновите работно, но секако наоѓаат време и за дружење и слободни активности. За авганистанското локално население велат дека е мирно, понизно, со некој чуден страв во себе, можеби од годините поминати во пустош, кој се одвива во нивната земја. Со Авганистанците и нивниот начин на живот најмногу се запознаваат преку оние локални жители кои работат во базите и тоа најчесто како хигиеничари, преведувачи…

Во базите важат строги правила, нема мешање меѓу мажите и жените. Не смеат да имаат блиски односи, доколку тоа се случи можат да бидат исклучени од мисијата. Важат и строги правила за сексуално злоставување во кое спаѓаат недолично однесување, префрлување, недолични зборови, но и недолични погледи, кои траат повеќе од пет секудни.

Најмногуброен во мисијата Одлучна поддршка е контингентот на САД, кој учествува со 8.475 војници, по него е германскиот со 1.300 војници, Турција учествува со 506 војници. Силите на Одлучна поддршка од оваа година поради заострување на безбедносната состојба се зголемија на 16.229 илјади, претходно беа 13 илјади.

Одлучна поддршка е неборбена НАТО мисија посветена на обука, советување и помош на авганистанските национални сили за одбрана и безбедност. Во Мисијата во моментов учествуваат 41 земја-членка и партнерка на НАТО. Централната командата е во Кабул, додека четирите регионални се во во Мазар-е-Шариф на север, Херат на запад, Кандахар на југ и Лагман на исток.

Поврзани новости