Љупчо Николовски по венчавката: Ваква среќа посакуваме секому, се подготвуваме за свадба!

by fokus

Поранешниот министер за земјоделство, водостопанство и шумарство, а денес актуелен генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и неговата избраничка Андријана Јакимовска за време на викендот се венчаа. Настанот поминал во интимна атмосфера, во манастирот Јоаким Осоговски во Крива Паланка, од каде потекнуваат младите.

И покрај тоа што во тек на вчерашниот ден тие добија голем број на честитки на социјалните мрежи, како и комплименти за изборот на венчаницата на Андријана, сепак, Николовски ги очекува голема свадбена веселба, која ќе се случи наредната година. За ,,Фокус” генералниот секретар открива дека во манастирот се одржала венчавката и регистрацијата со која го означиле почетокот на заедничкиот живот, додека подготовките за свадбената веселба биле во тек.

-Свадбата ќе се случува наредната година, во месец февруари. Полека се подготвуваме. Викендов се венчавме во нашата родна Крива Паланка, настанот помина во интимна атмосфера, со најблиските. Гости ни беа најблиските другари од детството и блиски роднини. Го кажавме судбоносното ,,Да“ и ваква среќа посакуваме секому – вели Николовски.

Тој ја запроси Андријана кон крајот на месец јули во словенечкото гратче Порторож покрај брегот на Јадранско Море, познато туристичко место, чие име во превод значи пристаниште на розите. Тогаш за ,,Фокус” ја потврди убавата вест и ни изјави дека со избраничката решиле да не се експонираат и да си ја зачуваат интимата подалеку од очите на јавноста.

Сепак, за нивната голема љубов знаел целиот град, бидејќи и двајцата се по потекло од Крива Паланка, и долги години биле заедно. По некое време ја прекинале врската, по што Андријана заминала во Словенија. Таа работи во меѓународната компанија Интеренерго, со седиште во Љубљана. Компанијата се занимава со трговија со електрична енергија, изградба и управување со енергетски објекти со употреба на обновливи извори и подобрување на енергетските перформанси на зградите и индустриските капацитети. По неколку години разделеност, тие случајно се сретнале на први јануари годинава и сфатиле дека љубовта е посилна од се. Продолжиле таму каде што застанале, позрели и поискусни.

Заеднички пријатели на парот велат дека судбината ги вмешала прстите, и како отсекогаш знаеле дека двајцата млади се едноставно создадени за да бидат заедно. Инаку, Николовски е познат како голем хуманист. Во повеќе наврати известувавме за негови донации и помош на ранливи категории на граѓани. Ретко во јавност зборува за своите хумани гестови, и во родниот град е познат како доста скромна личност, секогаш подготвена да помогне.

Вики Клинчарова

Поврзани новости