Кафеани во Струга, Пониква и Маврово не ги почитувале протоколите за работа

by fokus

Инспекторите биле во засилена контрола за време на продолжениот викенд, за да видат на терен дали се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот, информираат од Владата.

-Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Државен трудов инспекторат и Управата за јавни приходи во текот на продолжениот викенд работат интензивно на терен и вршат контрола на начинот по кој се спроведуваат протоколите пропишани од страна на здравствените власти за заштита од конронавирусот КОВИД-19.

Државниот пазарен инспекторат денеска до 16:00 часот поднел 5 кривични пријави за непочитување на протоколот за работа на угостителските објекти во услови на КОВИД -19 од кои 3 во Струга, една во Пониква, Кочани, и една во Маврово. Исто така денеска инспекторите на Државниот пазарен инспекторат поднеле и четири прекршочни пријави за утврдени неправилности при работењето на угостителски објекти, велат од Владата.

Оттаму додаваат дека пазарните инспектори се во засилена контрола и во туристичките места во државата и вршат надзор на спроведувањето на владините мерки.

-Државниот инспекторат за транспорт од направените надзори денеска во Штип, Тетово и Велес не утврдил прекршувања. Констатирано е дека во целост се почитуваат владините уредби.

Од страна на Државниот инспекторат за труд се донесени 4 решенија и 3 укажувања на работодавачите  за носење заштитни маски, заштитни ракавици, користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените  од ризичните групи. Побарано е веднаш да почнат да се придржуваат кон препораките на Владата.

Инспекторите на Управата за јавни приходи на терен вршат контроли на прометот и дејствуваат едукативно, велат од Владата.

Поврзани новости