Градоначалникот Трајановски планира да потроши 413.000 евра за одржување на фонтаните и спомениците

by fokus

За одржување на фонтаните и спомениците од проектот „Скопје 2014“, Град Скопје планира да потроши 413.000 евра. Поточно, градот распиша оглас, објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, на кој бара заинтересирана фирма која ќе има обврска да ги одржува фонтаните и спомен обележјата во период од една година, а точната сума која ќе се потроши за оваа намена ќе биде позната откако договорот ќе биде склучен.

Минатата година овој тендер го доби градежната компанија „Бетон“, која од касата на градоначалникот Коце Трајановски доби 325.200 евра.

Одржувањето на спомениците од проектот „Скопје 2014“ , отиде во рацете на Коце Трајановски, откако Андреј Жерновски седна во градоначалничкта фотелја на општина Центар, а советниците одлучија дека таа општина нема намера да троши пари за одржување на спомениците. По ова, грижата за спомениците отиде во рацете на Трајановски.

Кога Жерновски донесе одлука да не се грижи за спомениците, посочи дека само за едногодишно одржување на фонтаната на Александар Македонски и двете фонтани во Вардар потрошени биле околу 145.000 евра, од кои 35.000 евра само за струја. А, за одржување на сите споменици и фонтани, не вклучувајќи ги плоштадите „Пресвета Богородица“, „Карпошово востание“ и мостовите „Око“ и „Мостот на уметноста“, општината на годишно ниво има дополнителен трошок од околу 255.000 евра.

Поврзани новости