Фетаи во завршниот збор за „Монструм“ ги отфрла шпекулациите: „Опел омегата“ не била на „Алфите“, се возеле извршителите!

by fokus 10:45
10:45

Обвинителката Фатиме Фетаи денеска во Кривичниот суд го дава завршниот збор за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство што се случи во 2012 година, кај Смиљковското Езеро.

Таа на почетокот истакна дека не сака уште еднаш да се најде во улога, како обвинител, за ваков сличен случај да дава завршен збор.

- Advertisements -

Обвинителката на почетокот арегументирано се обиде да ги отфрли шпекулациите кои низ годините се појавија за овој случај. Таа ја отфрли теоријата дека возилото „опел омега“ со која се возеле дел од извршителите, било на „алфите“, побивајќи го сведочењето на еден од сведоците.

-Ова сведочење, за клучниот доказ, возилото, нема никаква поткрепа, истакна Фетаи, опишувајќи го патот како „опел омегата“ стигнала во рацете на извшителите на петкратното убиство.

Таа се повика и на исказот даден на еден од обвинетите, Хаки Азири, кој за време на истрагата сведочеше дека со автомобилот се возеле дел од обвинетите и тоа критичната вечер, односно на 12 април 2012 година.

Во автомобилот се утврдени траги од ДНК на обвинетиот Али Демири, а вештачењата на трагите од земјата покажуваат и дека возилото било кај Смиљковското Езеро, истакна Фетаи.

Таа додаде дека возилото во 2018 година конечно беше видено и од сите странки вклучени во процесот, но и пред медиумите, нешто што во претходната судска постапка не беше сторено, поради што се создаваа шпекулации дека тоа воопшто не постои.

В.В.

Поврзани новости