Две деца осомничени за обид за убиство, за влакно се спасија од притвор

by fokus

Две 14-годишни деца, пред една недела, се осомничени дека за малку ќе убиеле 18-годишно момче, речиси претепувајќи го до смрт, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје. Поради сериозноста на кривичното дело, јавниот обвинител побарал и притвор за двете деца, но судот не ја одредил оваа мерка, туку им ги одзел пасошите и им наредил да не го напуштаат местото на живеење.

-На 6 ноември во еден часот по полноќ, на ул. Битпазарска, во близина на кафе барот „Стоп“ по настаната вербална расправија двете деца тешко телесно го повредиле  оштетениот 18-годишен К.С. Децата со умисла го нападнале оштетениот, го удирале со тупаници во пределот на главата и градниот кош, од кои удари оштетеното лице паднало на земја, здобивајќи тешка телесна повреда изразена во вид на контузии на главата со повреди на мозокот, крвавење и со наполнети бели дробови со течност. Од настанатите повреди животот му е доведен во опасност, се вели во соопштението на Обвинителството.

Оттаму информираат дека надлежен јавен обвинител поднел барање за поведување на подготвителна постапка против децата во судир со законот од 14 до 16 години до Судијата за деца при Основниот суд Скопје 1 Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле дејствие што со закон е предвидено како кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 ст.3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Судијата за деца ги испрашал осомничените малолетници, и издал наредби за вештачење на трагите пронајдени на местото на нападот.

Поврзани новости