Двајца пациенти изгубивме вчера, не си одмагајте себе и на медицинарите со непочитување на мерките, вели д-р Коцев од кавадаречката болница

by fokus

Не е време за дружење и собири, мора да се почитуваат мерките за заштита од вирусот. Само така ќе им се помогне на здравствените работници, а истовремено и луѓето самите ќе си помогнат. Во тек на вчерашниот ден ни починаа двајца пациенти на ковид одделот, мора сериозно да се сфати состојбата со вирусот – за ,,Фокус” појаснува директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев.

Вирусот изминатиот период не стивнува во Кавадарци, но и во Неготино новите бројки на инфицирани не се за занемарување. Вчера беа регистрирани дури 20 позитивни случаи, што е голема бројка за мало место.

Во склоп на болницата веќе неколку месеци наназад фукционира ковид одделот, на кој денес се хоспитализирани 40 лица. Од нив 32 се од Кавадарци, а осум од Неготино.

Вчера починале две лица, жена на возраст од 61 година од Криволак и маж од Кавадарци на 78 години. И двајцата имале коморбидитети.

-Дури 20 од хоспитализираните се на постојана кислородна поддршка. Десет од нив се на повремена поддршка, а десет не примаат кислород. Трошиме многу кислород овој период, зголемените бројки на позитивни случаи во Тиквешко придонесоа и бројот на хоспитализирани да расте. Имаме пациенти од 26 до 81 година, здравствените работници се постојано покрај нив, во секојдневна битка со вирусот.
Ова е ситуација која мора да се сфати сериозно и да не се доведува животот и здравјето во ризик. Јасно е дека сите се уморни и сакаат да се вратат на старите животни навики, но мора да се има трпение и да се покаже одговорност и зрелост. Ниту една дружба не може да биде ставена пред колективното здравје и пред животот на ризичните групи на граѓани, сите да бидеме совесни и да допринесеме за стивнување на панедмијата – изјави д-р Коцев.

Пред два дена во Кавадарци заседаваше кризниот штаб, а градоначалникот Митко Јанчев најави засилени контроли во угостителски локали и апелираше на почитување на мерките, бидејќи Кавадарци стана лидер во земјава според бројот на новоинфицирани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости