Дукоски: Починатиот притвореник, заразен со корона вирус, користел иста бања со Боки, наместо да го изолираат го носат на судење!

by fokus

По смртта на притвореникот во истражниот затвор “Скопје”, кој беше заразен од корона вирусот, адвокатот Сашко Дукоски јавно прашува како судот планира да го оддржи утрешното рочиште за случајот “Рекет”, бидејќи на тој начин би го загрозил животот на сите кои се вклучени во процесот.

-Притвореникот кој почина бил еден спрат под ќелијата на Бојан Јовановски. Се бањале во иста бања, храна им носеле исти командири и сл. Наместо да биде во изолација, денеска беше донесен на судење. Контактирав со него. Замислете, што ќе се случи доколку е недај боже заболен. Сите што бевме во судницата постои ризик да сме заразени, вели Дукоски, кој истакнува дека утрешното судење мора да биде одложено.

Тој вели дека притворениците не треба да се дискриминираат, туку и за нив да се постапи според протокол.

-Како можеа градоначалникот на Чешиново-Облешево да го изолираат и сите останати вработени во општината, или сите вработени во болницата “Плодност”, а да не важи и за притворениците, прашува Дукоски.

Адвокатот вели дека на овој начин, со оддржување на рочиштата за “Рекет” се загрозува нивниот живот, а потоа и на нивните семејства.

Освен адвокатите, голема вознемиреност денеска има и во истражниот затвор. Притвореници сместени таму ни пишуваат дека сите се на нозе и удираат по решетките од ќелиите, загрижени за своето здравје.

Починатиот во затворот влегол на 8 март, а засега не е познато дали веќе бил заразен или се заразил внатре зад решетки. Не е познато и колкав е бројот на други заразени притвореници.

Валентина Вурмо

Поврзани новости