ДИК ќе заштеди половина милион евра од парите за референдумот, за да го обелат образот на институцијата

by fokus

Пред сегашниот состав на ДИК кој функционира веќе две недели стои одговорна задача во интересен временски период за државата, а тимот е подготвен да одговори на задачата, рече претседателот на Комисијата Оливер Дерковски, во своето гостување во 1ТВ. За проблемот со Избирачкиот список непосредно пред референдумот, тој вели дека е нормално листата на гласачи постојано да се менува.

-И кога немаме изборни кампањи или референдум, подрачните единици на ДИК постојано го ажурираат списокот. Добиваат информации од МВР и од Заводот за статистика, ги обработуваат во ДИК и имаме внесување на промени на дневна база. Тоа е динамична категорија која подложи на постојани промени, луѓето умираат и се раѓаат, полнат 18 години, вели Дерковски.

Во врска со сумата што ќе се потроши на референдумот, Дерковски вели дека Собранието дозволило 3,5 милиони евра, но тие ги рационализирале на 2,9 милиони, кои би сакале да ги намалат и натаму и да ги применуваат транспарентно, за да го обелат образот на Комисијата по скандалот со бонусите на претходниот состав.

-И при носењето на финансискиот план, кажавме дека ДИК нема да додели бонуси за оваа или за која било активност до крајот на нашиот мандат. Сите земаме плата којашто ја определи Комисијата за избори и именувања на Собранието и сметам дека тоа се доволни приходи за секој член на ДИК. Платени сме да си ја завршиме работата, нема потреба од други дополнителни приходи, изјави Дерковски.

Поврзани новости