Дел од насилниците во Собранието ќе се гонат за злосторничко здружување?

by fokus

Дел од насилниците кои учествуваа на крвавиот четврток во Собранието најверојатно ќе одговараат за злосторничко здружување. Ова може да се заклучи од соопштението кое предмалку го објави обвинителството, а во кое потенцираат дека по разгледувањето на доказите утврдиле дека има поврзаност на осомничените од кои дел биле внатре, а дел надвор од Собранието, поради што истакнуваат дека предметот го проследуваат на повисоко ниво, односно на Одделението за организиран криминал.

Сепак од обвинителството не откриваат за колку лица имаат сомнеж дека дејствувале како организирана група.

Еве го соопштението на обвинителството во целост:

„По разгледување на доказниот материјал, обвинителството утврди дека постои содејство на неколку осомничени во целокупните збиднувања во објектот на Собранието во надворешниот појас и во внатрешноста на објектот во целина.

Станува збор за сплет на инкриминирани дејствија кои што значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се препишат само како деликт на масата, ниту пак на од таму произлезени конкретни кривични дела на сторители.

Основното јавно обвинителство Скопје од  досега прибавениот доказен материјал оцени дека  во кривично правниот настан кој го истражуваше, потребно е во оваа фаза, согласно законските прописи, да се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи дел од преземените дејствија од страна на лица инволвирани во настанот е во месна и стварна надлежност на ова обвинителство.

Од тие причини списите на предметот се доставени до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое го презема натамошното постапување.

Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да постапува по однос на лица инволвирани во настанот, а чии што дејствија претставуваат извршување на кривично дело за кое е надлежно Основното јавно обвинителство Скопје“, се наведува во соопштението на обвинителството.

Поврзани новости