Четири судења за предмети на СЈО, на „Тендери“ ќе сведочат сведоци на обвинителството

by fokus

Денеска во Кривичниот суд треба да се оддржат нови рочишта за четири предмети на СЈО и тоа за „Траекторија“, „Тендери“ „Тарифа“ и раздвоената постапка за „Насилство во Општина Центар“.

Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во „Тендери“ првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, а на денешното рочиште треба да сведочат сведоци предложени од СЈО.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

Во судот денеска треба да се одржи рочиште и за предметот на „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Судското рочиште денеска треба да се одржи и за раздвоената постапка за случајот „Насилство во Општина Центар“.

Поврзани новости