Битолскиот бенд кој што позираше покрај убиената срна се правда: ПОРАДИ ЗАВИСТ НЕ НАПАДНАА, А НЕ ПОРАДИ СРНАТА

by fokus 19:13
19:13

Пишува: Вики Клинчарова

Фотографија на која што дел од музичарите од битолската група ,,Екстра бенд’’ позираат покрај застрелана срна, за време на својата турнеја во Америка, предизвика револт и лавина од негативни коментари на социјалните мрежи. Критиките адресирани до членовите на бендот доаѓаат од разни здруженија за заштита на животните, од љубители на животни, но и од нивни фанови, кои што им порачуваат дека се разочарале во нив поради нечувствителниот и нехуман акт, и како настанот ќе влијае на нивниот рејтинг како музичари.

Но и покрај сите критики, членовите на бендот очигледно дека не чувствуваат никакво каење ниту вина, па остануваат при ставот дека не сфаќаат зошто гордото позирање покрај убиената срна предизвикало револт кај јавноста, и тврдат дека се критикувани единствено од завист, бидејќи имале успешна турнеја.

,, Јас како член на групата за која се зборува во моментот, сакам да истакнам дека моите колеги беа присутни на еден обичен ловџиски чин кој го прават само професионалци во свое лично приватно место, тие не пукаа и не ловеа, не беа присутни кога тоа се случи, само направија неколку фотографии. Сите наши фанови, пријатели и роднини знаат какви личности сме ние. Ние не направивме никакво лошо дело за да има толку лоши зборови и омраза кон нас. Сакам повторно да истакнам дека моите колеги не убија никого туку само беа на една мала прошетка и видоа како ловџиите тоа го прават професионално и легално…Ова се случува и во Македонија, а не само тука, во Америка. Поради наглото размножување на елените и срните, тука е одобрено ловењето кон нив бидејќи одземаат доста човечки животи, а мислам дека човечките животи се доста поважни од животите на овие животни. Ние не направивме никакво лошо дело и не се изживуваме со никое невино животно’’ – ни изјави Деан Горгијовски, вокалистот на бендот, потенцирајќи дека тоа е официјалниот став на групата по повод настанот.

Тој додава дека според него, критиките им биле упатени поради завист за успешната турнеја, а не поради фотографиите со убиеното животно и е убеден дека има луѓе кои што го поддржуваат, како и дека случката нема да се одрази на нивната кариера.

,,Ние не сме први од естрадата кои што се сликале на лов! Кога заминувавме на пат за Америка, никој не ни посака среќен пат и успешна турнеја, никој не не пофали. Никој не се интересираше за тоа како концертите за Свети Никола, Нова Година, за божиќните празници ни беа исполнети до последно место! Немаше ниту еден позитивен коментар за професионалните успеси, и затоа сметаме дека овие напади се делумно поради завист. Ние дури и не бевме поканети на печена срна од страна на ловџиите’’ – ни изјави Деан. Бендот ја продолжува својата американска турнеја, и ќе има настапи во повеќе поголеми градови во кои што живеат нашинци. Последниот концерт им е закажан на четврти фебруари, во Чикаго.

Поврзани новости