Адвокатите ќе вршат увид во снимките обезбедени со тајно следење на Јанева

by fokus

Адвокатите на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева денеска ќе продолжат да вршат увид во доказите кои обвинителката Вилма Русковска ги има обезбедено против нивната клиентка во истрагаата „Рекет“. Според адвокатката Ирена Фрчковска денеска најверојатно ќе ги видат ПИ-Мерките кои биле употребени кон Јанева, откако претходно требаше да бидат декласифицирани.

Како што веќе објави „Фокус“, освен осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец, и Јанева била ставена под посебни истражни мерки, за потребите на истрагата за „Рекет“. Односно, обвинителството со судски налог ја следело или прислушувало Јанева, потврдија од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за „Фокус“.

-За лицето за кое покажувате интерес беа применети посебни истражни мерки. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го очекува декласифицирањето на мерките по што ќе им бидат презентирани на одбраната, ни одговорија од Обвинителството.

Откако одбраната ќе заврши со увид во доказите ќе даде предлози за свои докази, по што набрзо обвинителката ќе го напише и обвинителниот акт.

Случајот „Рекет“ Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Јовановски и Јанева се во притвор во затворот „Скопје“, а Зоран Милески – Кичеец со одлука на судот  е префрлен во домашен притвор.

Според истрагата, Боки 13 и Кичеец зеле 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев за да наводно го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“, а наводно своја улога во акцијата за спасување имала и Јанева.

Валентина Вурмо

Поврзани новости