1984

by Fokus

Мерките што се применуваат од вчера се само блага најава што би следело во глобалната полициска држава, во која тие што немаат сина крв ќе бидат сведени на обични робови што работат од седум до три, а потоа се затвораат дома како заморчиња

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

 „If you want a picture of the future, imagine a boot stamping on a human face—for ever.“
― George Orwell, 1984

Како македонските граѓани да не мачеа доволно мака со рестриктивните мерки, полицискиот час и со економската криза, која допрва ќе зема замав, времетраењето на полицискиот час, почнувајќи од средата се екстензира и ќе трае од 16 часот до 5 часот наутро, додека за време на викендите, забраната ќе биде целосна, односно граѓаните ќе мора да останат во своите домови, започнувајќи од петок во четири попладне, па сè до понеделник наутро.

ГРУПА НЕ СЕ ДВАЈЦА

Дополнително се воведува и ограничување на движењето во групи од најмногу двајца. Оваа мерка е нејасна и неразбирлива. Прво, во правна смисла: група е составена од најмалку тројца и второ, што е со оние луѓе што имаат деца? Како е ова замислено, не чувме објаснување. Како јас и мојата сопруга да ги прошетаме децата и дали за тоа ќе бидеме казнети бидејќи сме во „група поголема од двајца“?

Не ме плашат меркиве, кои се надеваме ќе бидат краткотрајни. Ме плаши мајндсетот кај општата популација, која без приговор ги прифаќа меркиве. Она што уште повеќе ме плаши се плановите на светските авторитети за справување со кризата предизвикана од корона вирусот. Не се никакви теории на заговор дека одредени светски моќници, кои не сакаат да бидат претседатели на влади или министри, отворено заговараат депопулација и масовна контрола на населението. Ваквите говори и заложби на моќници се лесно достапни на интернет.

Идејата за депопулација, или како тоа културно се нарекува, контрола на растот на населението не е нова. Мотивите не се воопшто спектакуларни, ниту овие луѓе му се клањаат на Луцифер. Причината е едноставна, порастот на населението, сега веќе преку седум милијарди во корелација со фактот што во оваа доба луѓето се сè поинформирани, претставуваат објективна закана за владејачкиот естаблишмент, кој во голема мера ги контролира светските финансии (Федералните резерви на САД основани 1913 година се во приватна-непозната сопственост настрана придавката „федерални“) добар дел од највлијателните медиуми и најважно средствата за производство.

ЧУМУ ПОТРЕБА ОД ЧИПИРАЊЕ?!

Бидејки периодов имаме повеќе од доволно слободно време, налетав на видео каде што еден добро познат програмер, кој е „експерт“ во медицината, вели дека една од солуциите е целокупното население на планетава да се чипира, чип во кој ќе биле впишани информации дали некој е вакциниран против корона или не. Поправете ме ако грешам, кога ние примавме дузина вакцини од деца до школска возраст, евиденцијата се водеше во здравствените книшки. Во дваесет и првиот век, тоа со леснотија може да се прави компјутерски, или на мобилна електронска картичка, која не мора да биде вградена во Вас. Чуму потребата од чипирање?

Доколку некој читајки ја колумнава, или некое слично размислување прибегне кон најлесниот и перфиден обид за дискредитација – нарекувајќи ги теории на заговор, само прашајте се дали во изминативе години, социјалната мрежа Фејсбук беше обвинета дека НЕЛЕГАЛНО собира податоци од населението? Дали разузнавачките агенции на САД беа провалени дека прислушуваат први луѓе на влади од рангот на Ангела Меркел, покрај масовното нелегално прислушување на обичен народ? Дали Големиот брат е сè поприсутен во нашите животи, наспроти јасната легислатива дека тоа е инвазија на личните права и слободи? Одговорот на сите овие прашања е ДА!

Мерките што се применуваат од вчера се само блага најава што би следело во глобалната полициска држава, во која тие што немаат „сина крв“ ќе бидат сведени на обични робови што работат од седум до три, а потоа се затвораат дома како заморчиња. Да не дозволиме паниката од вирусот да нè натера да го прифатиме фашистичкото уредување во цел свет, кое веќе се спроведува!

 

Поврзани новости