14 новинари во Турција осудени на затворски казни за тероризам

by fokus

Суд во Турција осуди 14 новинари, уредници и други вработени од опозицискиот весник Чумхуриет на казни од 2,5 до 7,5 години затвор по обвинение за тероризам, додека тројца се ослободени, јавува Ројтерс.

Највисока казна, од седум и пол години затвор добил познатиот новинар Ахмет Сик. Новинарите беа обвинети дека ја поддржувале мрежата на Фетула Ѓулен, кој за турските власти е главниот кривец за обидот за пуч пред две години.

Овој случај предизвика глобални критики поврзани со задушување на медиумските слободи за време на владеењето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Адвокатот Озден Оздемир за Ројтерс изјавил дека уште еден обвинет, кој не е вработен во весникот, е осуден на десетгодишна затворска казна за активности на Твитер.

„Ова никако не е пресуда според закон. На крајот, ова е политички случај“, изјавил Оздемир, додека неговите клиенти ги негираат обвиненијата за кои ги товарат турските власти.

Џумхуриет е еден од ретките преостанати турски опозициски весници кои ја критикуваат власта.

Поврзани новости