Протест против дигитализацијата во Неготино: Не се обидувајте партиски да го обоите протестот кој е за доброто на нашите деца!

by fokus

Денес во 12 часот пред општинската зграда во Неготино ќе се одржи протест против предложениот нацрт закон за учебници и наставни материјали во основните и средните училишта. Информацијата за протестот против дигитализација во училиштата се споделува на социјалините мрежи, со апел да се почитуваат мерките за заштита од вирусот, како и да нема верски, партиски и национални поделби и убедувања.

Родители чии деца се ученици во основните и средното училиште во Неготино, а со кои разговаравме, велат дека не се против реформи во образованието, но дека дигитализацијата според нив не е пожелна.

-Имавме онлајн состанок со класниот раководител, сите родители кои беа вклучени се изјаснија против дигитализацијата. И без тоа децата минуваат добар дел од слободното време пред електронските уреди, зарем и во училиште треба да бидат пред екраните? Колку е добро тоа за нивното здравје?
Ова не е протест за некакви партиски поени и не смее да му се дава партиска боја! Ова е протест за нашите деца, и ние како родители имаме право на глас. Не има партиски неопределени, не има и такви кои сме членови на одредена политичка партија, но без разлика на определеноста, не смее да се политизира оваа тема која се однесува на нашите деца и нивната иднина – тврдат родителите, додавајќи дека во едно демократско општество не може да се оди против волјата на огромен број на луѓе, туку мора да се изнајде соодветно решение.

Појаснуваат дека и Советот на родители имал средба на која се дискутирало за проблемот, но биле информирани дека веќе е одлучено наставници да започнат со обука за новата програма од 19-ти мај.

-Разговаравме со надлежните во училиштето и ни беше појаснето дека кој сака може да добие печатена форма, фотокопирана скрипта. Дури бевме и запрашани како Кембриџ програмата не ни сметала, а дигитализацијата ни смета? Токму поради ваквиот став, односно ставањето на барањата на родителите пред свршен чин, ќе се одржи мирниот протест – велат родители кои се членови во Совет на родители.

Вики Клинчарова

Поврзани новости