Поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски и уште три лица нема да одговараат кривично за злоупотреба на службена положба и овластување во врска со изборот на директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, информираат од скопското обвинителство.

Кривичната пријава против Трајановски и уште три лица била отфрлена поради застареност на делото. Изминал законскиот период во кој екс градоначалникот и останатите можеле кривично да одговараат.

Кривичната пријава од СВР – Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје била доставена во март 2019 година, односно една година по истекот на рокот за застареност.

-Одлуката за избор на директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје е донесена и потпишана на 11.02.2015 година, па согласно тоа застареноста на кривичното гонење за Коце Трајановски кој, извршувајќи ја функцијата градоначалник лично ја донел и потпишал одлуката, настапила на 11.02.2018 година. Застареноста за претседателот и двајца членови на комисијата за спроведување на постапката за избор настапила на 22.01.2018 година, кога изминале три години од дејствијата на пријавените кои го исполнуваат битието на делото, велат од Обвинителството.