Најмногу полза од укинувањето на Законот за одмерување на казната, во овој момент, имаат обвинетите од СЈО

by fokus

Кривичарите го поздравија неодамнешното укинување на Законот за одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, бидејќи уште со самото негово изгласување во 2014 година, мнозинството од нив реагираше дека законското решение е погрешен чекор.

Експертите предупредуваа дека бодувањето што се врши за да се дојде до казната која треба да се изрече, доведува до изрекување казни со слична висина, односно слична казна добива и оној што извршил кражба и оној што извршил убиство.

Еден од првите и најгласните критичари беше и Златко Јакимовски, магистер по казнено право. Тој за „Фокус“ појаснува дека иако цврсто стои на ставот дека овој закон требаше да се укине, сепак вели дека не може да се занемери времето во кое тоа е сторено. Накратко, од укинувањето на законот, во овој момент, најмногу полза можат да имаат обвинетите од СЈО, особено оние со „полесна“ правна квалификација, а за кои има покренато по неколку обвиненија.

Доколку им се одмеруваа казните според ова законско решение, не постоеше можност да добијат повеќе од една условна казна, а сега е возможно доколку и за неколку случаи бидат прогласени за виновни, за сите да добијат условни казни.

Во продолжение коментарот на магистер Јакимовски:

-Деновиве на јавната сцена е присутна една сеопшта еуфорија поврзана со укинувањето на Законот за Одредување на видот и одмерување на висината на казните од аспект на конечното отстранување на страното ткиво во казненото право гледано низ опсервирано низ призмата на начелото на законитост и законската определеност на казнените дела и казните.

Неспорно е дека за големата слика на македонското кривично законодавство ова претставува делумно реобновување на таа рамнотежа која што беше нарушена со донесување на овој Правилник кој со текот на времето стана дегенериран закон. Меѓутоа она што е битно е дека секоја активност  на Уставниот Суд како негативен законодавец, односно орган задолжен за отстранување од правниот поредок на „лошите“ закони се појавува во дадено време и дадени околности, и истата активност никако не смее да се набљудува изолирана од контекстот во кој што е преземена, бидејки се добива погрешна слика за истата.

Етилогијата на проблемот околу оваа одлука на УС, е во самиот факт што персоналната структура на Уставниот суд која што е доволна за конституирање на мнозинство потребно за укинување на законот е непроменета од времето кога истиот беше донесен некаде во 2015 година, па така доколку нивната свест за квалитетот на самиот закон и последиците кои што тој ги предизвика била иста од неговото донесување зошто не го укинеа веднаш туку тоа го прават сега во ова време невреме?

Дали можеби се работи за задоцнета памет на УС па дури сега сфатија што претставува начелото на законитост и принципот на слободно судиско уверување?

Сето ова се само дилеми кои кај мене го посеаа семето на сомнежот дека оваа одлука на УС во овој период е направена само да им послужи на определени лица обвинети од СЈО да поминат далеку полесно имајки го предвид фактот дека повеќето од нив се обвинети во повеќе предмети.

Па така од аспект на член 51 став 4 од Кривичниот законик доколку се работи за полесни дела може неколкукратно да му се изрече условна осуда на определен обвинет, нешто што беше незамисливо во периодот кога се применуваше овој закон. Кога станува збор пак за потешките дела доколку се работи за лице на кое што ќе му се суди втор или трет пат, и се работи за ист вид на кривични дела согласно овој закон судијата е строго детерминиран да му изрече казна на обвинетиот која што ќе инклинира кон посебниот законски максимум (нпр. за трговија со дрога казната е од 3 до 10 години, изречената казна ќе мора да оди накај 10 години), додека сега кога ќе се одмерува казната согласно КЗ судијата слободно ќе се движи во рамките од 3 до 10 години.

Последица на Правилникот а подоцна и законот за одмерување на казните беше и пресудата од 3 години затвор за 150 кебапчиња изречена од судот во Велес. Уште една дилема плус која го размножува сомнежот во добронамерноста на одлуката, доколку оваа нивна одлука е волја за правда и задоволување на правичноста во конкретните предмети, зошто тогаш не го укинеа законот веднаш по оваа пресуда која што беше изречена во Август 2015 година, кога истите луѓе беа мнозинство во Уставниот суд.

Да повторам воопшто немам ништо против одлуката за укинување на законот, дотолку повеќе што бев еден од првите за негово ПОНИШТУВАЊЕ а не само укинување, туку ме двоуми моментот кога истиот е укинат и фактот кои лица имаат правен интерес истиот да се укине, имајки предвид дека се работи за специфични предмети.

Ваквата задоцента реакција на Уставниот суд од аспект на ретрибутивноста на казната може да значи дека правдата иако е спора во Македонија сепак е недостижна, вели Јакимовски.

Поврзани новости