Министерката Ангеловска: Како ќе се трошат парите на граѓаните?

by fokus

Предлог буџетот за 2020 година, е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати, истакна ресорната министерка Нина Ангеловска денеска пред матичната собраниска Комисија која ја почна расправата за буџетската каса на државата за 2020.

Буџетот за наредната година ќе изнесува 3,615 милијарди евра. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи се за области врз кои се потпира човечкиот капитал. Буџетските проекции се врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП и дефицит од 2,3 отсто.

Како што потенцираше Ангеловска, Предлог буџетот за следната година е фокусиран на инвестиции во човечки капитал, ќе обезбеди поддршка на домашната економија, продолжување на инфраструктурните проекти, поттикнување нови инвестиции и работни места, зголемен доход за домаќинствата со раст на платите и пензиите….

Индексот на човечки капитал во нашата земја изнесува 0,53. Тоа, укажа министерката, значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53 проценти од својот потенцијал, согласно со условите кои што им се обезбедуваат, рече Ангеловска истакнувајќи дека инвестициите во столбовите на човечкиот капитал не само што се оправдани, туку се и неопходни. За таа намена во Предлог буџетот за 2020 година се издвоени 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита.

Ангеловска потенцираше дека проектираниот економски раст за следната година од 3,8 проценти, е согласно со очекувањата за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, како и дека е на линија со најновите проекции на ММФ и на Народната банка. Тоа е уште еден доказ дека во Буџетот тргнуваме од реални претпоставки како најсоодветен инпут за реални фискални проекции и одговорна фискална политика, нагласи Ангеловска.

Во домашната економија се очекува да продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор, при дополнителен позитивен ефект од владините политики и мерки.

Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3 проценти, придвижена од очекуваното зголемување на доходот на домаќинствата, што е одраз на предвидениот раст на платите и вработеноста во економијата, поттикнат од владините мерки за зголемување на нивото на платите, мерките за намалување на невработеноста, како и активација и зајакнување на социјалната заштита на ранливите категории на население. Проекцијата за раст на јавната потрошувачка за следната година изнесува два процента.

Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат за осум проценти на реална основа. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, посебно тие во патната инфраструктура, странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони, како и постојаната поддршка на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија, поддршката на иновативната дејност и технолошкиот развој.

Растот на извозот се очекува да продолжи во 2020 година, но со нешто послаба динамика во однос на 2019 година. Проекцијата за реалниот раст на извозот на стоки и услуги изнесува 8,3 проценти придвижен од извозот на новите индустриски капацитети ориентирани кон извоз, поддржан и од мерките за поттикнување на извозот и освојувањето на нови пазари. Проектираниот раст на домашната побарувачка и извозната активност условуваат пораст на увозот на стоки и услуги, којшто во 2020 година се очекува да изнесува 8,7 проценти.

Според Предлог буџетот, стапката на инфлација во 2020 година се очекува да остане ниска, односно 1,7 проценти, проекцијата за раст на бројот на вработени изнесува 2,1 процент, а на просечната нето-плата 6,3 проценти на номинална основа. Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок во износ од 1,2 процента од БДП.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планираат на ниво од 222,3 милијарди денари, а расходите 239,7 милијарди денари. Планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3 проценти од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ.

Поврзани новости