“Фокус” дознава: Мијалков нуди гаранција од 7,5 милиони евра за да излезе од притвор од „Шутка“

by fokus

Поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, кој се наоѓа во притвор во истражниот затвор „Скопје“, понудил гаранција од 7,5 милиони евра за да се брани од слобода, односно за да излезе од „Шутка“, дознава „Фокус“ од свои извори.

Засега, како што дознаваме, обвинителството се уште не дало мислење по барањето, но сумата е доста висока, односно можеби и највисока која е понудена досега, поради што и се шпекулира дека е можно да се очекува согласност. Одлуката пак за тоа дали Мијалков ќе излезе на слобода за неколку дена треба да ја донесе совет во Кривичниот суд.

Во меѓувреме како што дознаваме, по поднесената гаранција, адвокатите на Мијалков ја повлекле жалбата доставена до Апелација, со која се жалеа на одредениот притвор до правосилност на пресудата за случајот „Трезор“. За оваа информација не добивме потврда од адвокатите, бидејќи не одговараат на нашите телефонски повици.

Доколку на Мијалков му биде прифатена гаранцијата, односно излезе од притвор, тоа би значело дека во случај на бегство, тоа би го чинело 7,5 милиони евра, кои ќе му бидат одземени.

Мијалков пред еден месец беше осуден на 8 годишна казна затвор за случајот „Трезор“.

Инаку засега се уште нема детали од Обвинителствот за предистрагата поврзана со бегството на Мијалков, што се случи пред изрекувањето на пресудата за „Таргет и Тврдина“. Тогаш тој исчезна на 48 часа, по што самиот се појави и тврдеше дека бил болен.

За случајот со нелегалното масовно прислушување поранешниот директор на УБК беше осуден на казна затвор од 12 години.

В.В.
В.С.

Поврзани новости