Филипче: Седум пациенти, од кои две бремени жени, се тестираат од корона вирус

by fokus

Министерот Венко Филипче на денешната прес конференција истакна дека кај уште седумина граѓани се проверува дали се заболени од корона вирус.

-Овие граѓани се од Штип, Куманово, Тетово, Кичево и Охрид. Дел од нив престојувале во Швајцарија, Австрија и Германија. Тоа се пациентите од Штип, Куманово и Кичево. После неколку дена од враќањето развиле висока температура, и сега се во одделите за изолација и во текот на денот ќе бидат готови резултатите. Понатаму, од Охрид еден пациент и две родилки, кои вчера се донесени од Дебар. Едната е донесена во болницата во Охрид, а другата е во Скопје. Тие се во стабилна состојба, рече Филипче.

Министерот појасни дека сомнителните случаи пред 3-4 дена дошле од странство, а денес добиле покачена температура. Според нивните кажувања, биле во самоизолација.

Бремените жени, како што рече министерот, не се непосредно пред породување, меѓутоа ќе се направат тестовите и да бидат спремни за породувањето.

Министерот истакна дека досегашните пациенти кај кој беше потврден корона вирусот се во добра здравствена состојба, меѓу кои и 15-годишното момче.

-Сите 13 пациенти кои се на инфективната клиника се во добра здравствена состојба. Само првата пациентка од Дебар е на респираторна машина со значително подобрување на параметрите, после прикклучување на механичката вентилација, но со се уште непредвидлива прогноза, рече Филипче, кој додаде дека сите останати се во добра здравствена состојба.

Поврзани новости