Агенцијата СГС, за која СДСМ тврди дека е на Мијалков, доби нов тендер

by fokus

Агенцијата за обезбедување Секјурити Груп Сервисис (СГС), за која од СДСМ тврдеа дека стои поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, доби нов тендер во вредност од 76.750 евра.

Според податоците објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, СГС склучил договор со Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје – Ректорат, а за „Обезбедување на имот и лица во Кампусот на Универзитетот и обезбедување на лица при манифестации“. Договорот е склучен за период од една година и стапува на сила од 3 мај годинава.

На тендерот учествувале уште две компании, а критериумот за доделување на договорот бил најниска цена.

СГС честопати во јавноста се поврзуваше со Мијалков, а сомнежот се зголеми откако СДСМ објави прислушуван разговор со којшто се алудира дека газда на оваа компанија е поранешниот директор на УБК. Тогаш опозицијата истакна дека зад СГС се крие Мијалков.

Разговорот се води меѓу Мијалков и Дејан Митревски – Урко, поранешниот телохранител на премиерот Никола Груевски кој се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“ откако СГС почна да работи со полна пареа.

Во тоа време, во неделникот „Фокус“ излегоа серија написи дека зад новата агенција СГС која се отвори во 2010 година, а почна да обезбедува клучни објекти во Македонија, всушност се крие Мијалков.

Во разговорот, директорот на УБК го прекорува Урко како протекле информациите.

„Знаеш ли сега што направија твоите глупости. Гледаш ли сега?“, Му вели Мијалков.

„Никогаш не сум спомнал за СГС, поготово и од тоа се тргам, нити планирам, нити сакам контра тебе ја во некој поглед да бидам. Ова е глупо што некој го збори и го мисли, мене ме мести цело време. А, цело време масло е на Верче и на Рамче“, одговара Урко и додава: „Јас не сум те спомнал нити тебе, нити Агенцијата, баш те подржавав“.

Од склучениот договор, пак, официјално се гледа дека управител на агенцијата за обезбедување е Мирољуб Давидов.

Кон крајот на 2018 година оваа агенција склучи договор да го обезбедува и Археолошкиот музеј, за 113.000 евра.

В.В.

Поврзани новости