105 скопјани повредени од уметничкото лизгање по улиците, никој не ги чисти тротоарите

by fokus

Во текот на денешниот ден скопјани мораат да ги развиваат своите вештини за уметничко лизгање кога се движат низ градот. Додека чистењето на булеварите е во надлежност на Град Скопје, споредните улици во надлежност на општините, за чистење на тротоарите се задолжени самите граѓани.

Коловозите низ центарот се исчистени, но тротоарите се целосно заледени, па оние кои се движат пеш поминуваат слалом до своите работни места или до местото каде се упатени. Граѓаните реагираат за неисчистените тротоари, како во центарот, така и во другите општини. Од општина Центар велат дека чистењето на тротоарите во центарот на градот не е во нивна надлежност.

-Чистењето на пешачките патеки покрај коловозите е задача на самите граѓани или фирми пред кои е самиот тротоар, изјави за Фокус портпаролката на општина Центар, Катерина Цаневска.

Но, никој не сака да се фати за лопата и да ги разбие скопските лизгалишта. Освен за тротоарите, граѓаните се жалат и за споредните улички во Центар. Чистењето на снегот од овие улици е во надлежност на општина Центар, но оттаму велат дека тие својата работа си ја завршиле и дека споредните улици се исчистени. Сепак, утрово оние кои се симнуваа по улиците од Водно и низ Капиштец поминуваа слалом и со своите автомобили и пеш.

И кога ќе пристигнеа на некој од паркинзите во центарот на градот, борбата продолжуваше. Граѓаните ги чекаше нов слалом од излегувањето од автомобилот до поминувањето на заледениот паркинг. И потоа, уметничко лизгање по тротоарите.

Раководителот на секторот од општина Центар во чија надлежност е и чистењето на снегот не сакаше да коментира дали се исчистени паркинзите и рече дека секој граѓанин може да се јави кај нив и да реагира доколку има некој неисчистен паркинг или споредна улица за која тие се надлежни.

Ништо подобра не е ситуацијата со споредните улици ниту во општината Карпош. Оттаму велат дека уште кога паднал снегот тие почнале да ги чистат улиците и дека процесот се уште трае. Службите постигнувале колку можат, а за таа цел биле набавени и сол и ризла.

Од општина Аеродром каде исто така има неисчистени улици, велат дека службите работат, меѓутоа дел од улиците не се исчистени, бидејќи солта не може да делува на екстремно ниските температури.

-Општина Аеродром има во сопственост две специјални возила за зимско одржување улици, кои Општината ги набави неодамна. Двете возила се постојано на терен и дел од споредните улици се сосема расчистени, но дел сè уште се подмрзнати, бидејќи за жал солта не делува на екстремно ниски температури. Инаку, екипите на зимската служба на Општината се подготвени со доволно сол. Набавени се околу 300 тони сол, додека од минатата година има останато уште околу 100 тони сол, што значи вкупно 400 тони сол, ни одговорија од општина Аеродром.

Инаку, додека градските и локалните власти тврдат дека тие прават се што можат со чистењето на снегот, во специјалната хируршка болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје за време на празниците се примени 105 пациенти со повреди предизвикани од пад на замрзнатите улици. Директорката на болницата, Јасмина Чабуковска објасни дека доминираат повреди на раце и подлактица, потоа надлактица, колкови, контузии, како и повреди на скочниот зглоб.

Катерина Смилева

Поврзани новости