Зврлевски може да биде разрешен, предлогот пристигна до Собранието

by fokus

Владиниот предлог за разрешување на Зврлевски од функцијата државен јавен обвинител денеска пристигна до Собранието. Судбината на јавниот обвинител Марко Зврлевски сега е во рацете на пратениците.

Имајќи ги предвид ставовите на парламентарното мнозинство, епилогот на седницата веќе се знае -“Зврлевски може да биде разрешен“, велат пратениците од владиното мнозинство.

Томислав Тунтев, координатор на работната група на СДСМ, вели дека веќе побарал од претседателот на Собранието да ја свика седницата.

Според координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Халими, оваа партија ја поддржува иницијативата на Владата за разрешување на Зврлевски, како и примена на реформите во судството.

„Новата влада предложи до советот на обвинители предлог за разрешување на Зврлевски, и ние како парламентарно мнозинство ќе ја подржиме иницијативата на Владата“, истакна Халими.

Пратеникот од коалицијата “Преродба со Беса“, Фадил Зендели го обвинува Зврлевски за многу монтирани судски случаи, поради што се залага за негова смена.

Исто мислење имаат и пратениците од Алијанса за Албанците.

„Ставот на Алијансата за Албанците стои до тоа што сме го кажале за да се овозможи независно, неконтролирано, деполитизирано и де-криминализирано право и секако дека  главен предмет на правото е главниот јавен обвинител што значи дека ние ќе ја подржиме секоја иницијатива за разрешување на главниот јавен обвинител“, вели Сирја Рашити.

Наспроти мисслењата на овие партии, од опозициската ВРО-ДПМНЕ велат дека со разрешување на Зврлевски, владеачката СДСМ се обидува да постави свои луѓе во правните институции.

Поврзани новости