Зврлевски допрва ќе испитува дали обвинувањата на Заев се сериозни

Зврлевски допрва ќе испитува дали обвинувањата на Заев се сериозни

Откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го обвини премиерот Никола Груевски за вмешаност во наводната криминална продажба на „Македонска банка АД Скопје“, јавниот обвинител Марко Зврлевски повика доколку некој имал докази за криминал, да ги достави до Јавното обвинителство.

„Сѐ уште немам информација дека некој доставил кривична пријава. Дали обвинителството ќе постапува, зависи од степенот на основаноста на сомнението, односно овој степен мора да е голем“, истакна Зврлевски, во изјава за Фокус.

На нашето прашање дали обвинителството сепак ќе постапува по допрен глас, Зврлевски објасни дека тоа се правело по исклучок, а не по правило.

„Не можеме да ги трошиме ресурсите секогаш кога некој нешто ќе каже. Ако е доволно сериозно, тогаш секако“, повтори Зврлевски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес конференцијата го повика јавниот обвинител да реагира.

„Ги повикуваме надлежните институции да не чекаат наредба од Груевски како да постапат за случајот во кој тој ја игра главната улога. Многу афери досега беа заташкани. Оваа нема да дозволиме да биде заташкана. Го повикуваме господинот јавен обвинител Зврлевски да заборави на ромските балови и другите забави на кој другарувал со првите луѓе на власта, веднаш да отвори истрага за случајот и да бидат преземени сите мерки кои би биле преземени за секој друг граѓанин на оваа земја во истата ситуација“, рече на денешната прес коференција Заев.

Неодамна СДСМ го повика обвинителството и за аферата „Актор“, повикувајќи се на криминалните сомнежи кои ги имаа за изградбата на автопатот Демир Капија- Смоквица. Тогаш Зврлевски се изјасни дека по направените проверки, утврдено било дека сомнежот не бил доволно голем за да се постапува.

„Во моментов степенот на сомнеж е на најниско ниво, но не е на степен на основано сомнение „сторено кривично дело од одредени лица што е услов за донесување наредба за истрага“. Тоа не значи дека постапката е запрена. Обвинителството смета дека сметките на фирмата „Актор“ не треба да бидат блокирани поради нискиот степен на основаност на сомнението но, и заради дополнителната можност да се зголеми штетата“, рече јавниот обвинител во изјава за „Академик“.

 

 

Издава „Медиа Плус Фокус - Скопје“, бул. Климент Охридски бр. 54/2-1, 1000 Скопје. Сите права задржани. © 2014
Web by Glitch Agency