Зошто во Македонија нема да се доселат бегалци?

by Fokus

Пишува Драган АЛЧИНОВ

Една од главните одлики на популизмот е претераното поедноставување на комплексните теми и нудење едноставен одговор на големите прашања базиран на емоции и сензационализам, притоа не земајќи ги предвид фактите и аргументите. ДПМНЕ ова добро го знае и редовно го практикува, до толку редовно и систематски што ова веќе премина во единствена стратегија на партијата. Дополнително на ова, ДПМНЕ добро знае дека стравот е силен мотивациски фактор. И затоа тие не пропуштаат прилика да шират страв и омраза кон се’ и секого, правејќи од Македонецот зачаурено и параноично Македонче кое постојано се плаши дека некој од некаде ќе дојде и ќе му ја земе земјата, домот, работата, идентитетот и историјата.

Манипулациите поврзани со бегалците и мигрантите сведочат за таа голема мајсторија на стратезите на ДПМНЕ. Истовремено, леснотијата со која се шири паранојата укажува и на неинформираноста кај нашите граѓани. Колку човек повеќе не знае- толку повеќе се плаши, зашто природно е човекот да се плаши од непознатото. Со тоа, земјата во која две третини од младото население е функционално неписмено е плодна почва за ширење страв, а со тоа и манипулации од секаков вид. Стравот, пак, го чува лозјето или во нашиот случај- Груевски.

Дефокусирање од локалните теми

Паранојата поттикната по партиска команда според која се наложува дека послушниците треба да отидат и да се потпишат на иницијативата против доселувањето бегалци во Македонија мора да се гледа во контекстот на локалните избори. На локалните избори одржани 2013 година од вкупно 80 општини во Р. Македонија, ДПМНЕ освои градоначалнички места во 56 општини. На голем дел од градоначалниците на ДПМНЕ ова им е веќе втор, а во некои случаи и трет мандат- што значи тоа се политичари со потрошен политички капитал и целосно делегитимирани поради многуте ветени-неостварени проекти, како и поради наталожените проблеми во општините. Ним очајно им е потребна нова тема на која ќе држат средби и митинзи; веќе никој не верува на нивните ветувања за улици, патишта, канализации и градинки кои одново и одново се ветуваа на сите локални и парламентарни и претседателски избори во земјава изминативе години.

Темата за бегалците кои ќе дојдат и ќе ни ги земат домовите и работните места- колку и да е смешна и далеку од умот- сепак е моќна алатка за свртување на фокусот на јавноста, која сега според стратезите на ДПМНЕ треба да заборави на непостоечките-а-ветени улици и канализации, на дупките во асфалтот, на загадувањето, на урбаната мафија, на зеленилото кое веќе го нема… Токму тоа е целта на манипулаторите: на локалните избори да не се зборува за локални теми туку за геополитика и бегалци.

Што велат фактите?

Но, за миг да ја оставиме пропагандата на ДПМНЕ настрана и погледнеме на страната на фактите. Можно ли е доселување на бегалци од Блискиот Исток во Република Македонија?

За почеток неколку бројки за подобра перспектива: Во Јордан има 4.2 милиони бегалци. Во Турција има 2.7 милиони бегалци. Во Германија- 1.1 милион бегалци. Во Бегалскиот камп блиску Гевгелија има 7 (со зборови: седум) бегалци.

После затварањето на таканаречената ,,Западно балканска рута’’ во март 2016 година после склучувањето на Договорот меѓу ЕУ и Турција бројот на бегалци и мигранти кои транзитираат низ земјите од Балканот е сведен на минимум. Затварањето на границите на Турција значеше префрлање на транзитот на бегалците преку Медитеранската рута, односно преку Средоземното море до бреговите на Италија, Франција и Шпанија. Ова за нас значи дека нема опасност од нов бран на бегалци и мигранти низ нашата земја се’ додека Договорот меѓу ЕУ и Турција е во сила. Имајќи ги во предвид политичките и економските последици кои ги имаше бегалската криза во Европа, интерес на Унијата е оваа рута да остане затворена. Според тоа, задача на Брисел е да го одржи Договорот во сила. Од друга страна, доколку од некоја причина Ердоган реши да ги отвори границите и да дозволи слободно движење на мигрантите и бегалците кон земјите од Европа- нема таква граѓанска иницијатива и бројка на потписи која ќе ги сопре милионите напатени души да транзитираат до својата посакувана дестинација.

Можеби некои стравуваат дека Европа ќе ни наметне да примиме и интегрираме дел од бегалците и мигрантите кои веќе се во некоја од западно-европските земји. Како прво, за таков потег воопшто не станува збор ниту пак за тоа постои правен основ. Имено и Даблинската регулатива и Шемата за релокација на бегалците и мигрантите го уредуваат начинот на кој барателите на азил ќе добиваат азил во земјите-членки на Унијата, односно во одредени случаи ќе бидат релоцирани од една во друга земја-членка на Унијата (станува збор за релокација на бегалците од Италија и Грција кон други земји од Унијата). Да се потсетиме: Република Македонија не е земја-членка на ЕУ и според тоа нема обврска да прими бегалци по ниту еден основ. Дури и некои земјите кои се членки на Унијата сакаат да бидат изземени од Шемата за релокација, односно не сакаат воопшто да примат бегалци на своја територија (релокацијата оди тешко во сите земји-членки, но особено тешко во земјите од ткн. Вишеградска група: Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, но и Австрија) за што се водат спорови пред Европскиот суд на правдата (Полска, Унгарија и Чешка имаат примено само 12 бегалци). Уште поважно од ова, една земја може да му даде азил само на барател на азил; а со оглед на тоа што баратели на азил во Р. Македонија речиси и да нема (според некои информации, имаме само еден барател на азил) ние и кога би сакале не би можеле да дадеме азил на барателите на азил од западноевропските земји.

Политичко профитерство од бегалците

Локалните избори се за нешто помалку од 2 месеци. Со тек на времето оваа ксенофобна кампања ќе зема замав. Собирањето потписи ќе иницира седници на општинските совети кои ќе носат акти со кои однапред ќе се изјаснат дека се против доселување мигранти и бегалци на нивна територија.

Така ДПМНЕ на грбот на бегалците и мигрантите од Блискиот Исток ќе се обиде да си поврати дел од поддршката, уште еднаш профитирајќи од маката на тие луѓе- овојпат политички откога веќе еднаш од нив профитираше финансиски. Но, ДПМНЕ ќе профитира и од неинформираноста и игнорантскиот однос на нашите сограѓани кои нема да се запрашаат ,,Од каде ќе дојдат овие бегалци? Кога ќе дојдат? Има ли воопшто некакви најави за доселување мигранти во Македонија?’’ и кои не се информирани за Договорот ЕУ-Турција, за Даблинската регулатива, Шемата за релокација и за сите дебати кои се водат ширум Европа на овие теми.

Всушност, ДПМНЕ веќе профитираат со самото тоа што ја наметнуваат темата за бегалците, неосновано ставајќи не’ нас во дефанзивна позиција. Наша обврска е да ја прекинеме и обезличиме оваа фарса и да посочиме на вистинските проблеми на нашите граѓани.

Поврзани новости