Зошто режимот на Груевски стимулира методи на Кју Клукс Клан?

by fokus

Текстот е објавен на 25-ти декември 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 756/757   

Пишувала: Јадранка КОСТОВА

Во општество како македонското, безмалку традиционално, поинаквото мислење од она на власта секогаш се дефинира како непријателско, а „мрсникот“ кој што ќе се „дрзне“ уште јавно да го соопшти таквиот став, без дискусија, промптно влегува во графата „докажан државен непријател“. Ниту ѓоа демократијава не промени многу нешто, па и денес ова е „мејнстрим“ политика.

И последниве две децении, овде најдобро вирееше дебатата во стил „плукни-залепи“. Се чуе ли нешто поразлично, тогаш следува шемата во два чекори: прво ќе се поплука авторот, а потоа и вториот чекор – залепи му некаква што погрозоморна етикета. Нели, таа поубаво ќе му се залепи ако претходно е добро навлажнет, односно поплукан.

Ваквата техника добро функционира и на макро план, па тешко е човек да наброи какви сѐ „епитети“ беа лиферувани од партиските штабови да го красат овој народ, или оној народ од спротивниот табор, почнувајќи од Бугараши и Срби, до најновите срочени сочно како патриоти и предавници.

Доколку сте и сосема надвор од политиката, а вашиот став случајно се совпаѓа со некој од двата контра става, дури и тогаш нема теорија да куртулите од етикетата дека сте платеник на едните или на другите.

Но, кога се националните теми во игра, за кои на „пучанството“ на овие балкански простори најмногу му се крева адреналинот, тогаш многу лесно, дури по правило, „дијалозите“ излегуваат од вербалното и завршуваат во насилие. Фитилот лесно се пали.

Деновиве се шири токму ваква смрдеа. Весникот „Вечер“ осамна со текст во кој се прави чуден спој од две различни информации, по некоја шпекулација, а и доста манипулација, за на крајот, оној што ќе го прочита да дојде до „логичен“ заклучок дека една цела група јавни личности се платеници на грчките власти кои треба овде да „избоксуваат“- притисок врз македонската Влада да се постигне договор со Грција по секоја цена. А платениците веднаш стануваат и предавници. А со предавниците, нели, се знае како треба!!!

ЛОГИКА „АКО НЕМАШ АКВАРИУМ – ТИ СИ ПЕДЕР“!

Што има во ова писание?! Прво, дека Грција им дала 130 милиони долари на грчките новинари во периодот од 1989 до 1993 година за ширење на антимакедонска пропаганда.

Второ, пак, дека во Македонија се плаќаат новинари за ширење на пропаганда со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјава. Тука се спомнуваат Сорос и Дијалозите на Црвенковски, кои демек работеле да помине грчкиот предлог за рушење на македонизмот.

Фондацијата Сорос плаќа од нив одбрани новинари, стои во непотпишаниот текст, па следуваат лицата од „црниот тефтер“: Никола Гелевски, Бранко Героски, Владимир Милчин, Ивица Антески, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јорданоски, Ема Маркоска Милчин, Ида Протугер, Ерол Ризаов, Билјана Секуловска, при што се напоменува дека овие имиња ги има на сајтот на Сорос, проект Граѓани за европска Македонија.

Плус се истакнати уште имињата на Ивица Антевски и Сашо Ордановски, кои биле секогаш присутни на Дијалозите на Црвенковски…

Назнаките кои потоа ќе се најдат во овој текст како, на пример, „новинарите од двата кратери вршеа притисок за одреден хонорар, односно големи пари“, а потоа и дека „имињата на новинарите кои земале пари за погрчувањето на Македонија се уште не се обелоденети“, го создава уметничкиот впечаток дека сите горенаведени ги плаќа грчката влада.

Иако втората назнака е во контекст на грчките новинари, сето тоа убаво, а несвесно ве доведува до цврстиот заклучок дека станува збор за грчки платеници, читај – предавници.

Ме потсети ова на вицот за полицаецот кој го спремал испитот по Логика. Началникот се обидел пластично да му објасни: „Ако имаш аквариум, тоа значи ги сакаш рибите. Тој што ги сака рибите, пак, логично е да ги сака и животните, а тој што ги сака животните се подразбира дека ги сака и луѓето. Ама посебно ги сака жените. Тоа пак значи дека не е педер“. За да го провери своето ново знаење, оди цајканот кај пријател и го прашува: „Имаш аквариум?“. „Немам“ – му одговара тој. Е тоа значи дека си педер – „мудро“ ќе ја развие логиката. Е вака некако ми делува и фамозниот текст за предавниците платеници.

Не е спорно дека во делувањето на Сорос фондацијата доминираат блиските на СДСМ, дека нивните аршини за „надзор“ над власта баеги се разликуваат кога владее ВМРО од СДСМ, дека нивните трибини се за компромис со Грција, дека фондација располага со голема пара од Сорос, но сето тоа не значи дека се предавници или грчки платеници. За вакви тешки зборови сепак треба нешто повеќе од „логика“.

Но, се чини прв овој „црно-бел“ филм го разви премиерот Груевски, кога во ланското интервју за МИА, онака патем нафрли за лукративните мотиви на група политичари, новинари и професори кои го критикуваат, а во позадината е соседот. Една година подоцна ова преку Вечер доби контури и имиња. Ама, не и докази.

Зошто власта ако има такви сознанија и „црно на бело“, не излезе со ваквиот компромитирачки материјал?! Сепак, и без вакви „дребулии“, анонимните читатели на весникот излегоа храбро со „нацрт програма“ за справување со непријателот.

ФИЛОЗОФИЈА НА КЈУ КЛУКС КЛАН?!

Еве, дел од овој арсенал:

– Овие медиуми под итно треба да се затворат за цел век, а за новинарите и нивните газди доживотен затвор;

– Ќе дојде денот на долгите ножеви ама тогаш семе нема да остане од нивните фамилии;

– Само Македонците можат да им пресудат на вакви предавници;

– Сите тие треба да се запалат како што ги палеле вештерките;

– Предавниците завршуваат како Јуда;

– Посочените новинари лека полека, треба да ги снемува. Каде? Во неповрат!!! Смрт за предавниците на македонизмот!!!;

– Се додека не се створи екипа што ќе го чисти ѓубрето – ЕДЕН по ЕДЕН, не само нив туку и на нивни фамилии, ќе им се приклучуваат нови ИЗРОДИ за грст пара;

– За противдржавна работа – САМО МЕТАК! „Долгата рака“ на Македонецот нема милост…

И некој после ова логично, демек, констатира: „Време е за нешто по конкретно. Повика некој?!“

И така лека-полека се стигна до „само метак Македонците ги спасува“.  Што е следниот „чекор“ од ваквата патриотско-преродбеничка сеанса?! Првата помисла ми е дека овие анонимни ликови, со качулки на глава, во стилот на приврзаниците на Кју Клукс Клан, на даден знак со огромна света должност ќе тргнат во казнување на „расата“ предавници!

После „генијалната“ мисла на Миленко Неделковски: „да му умре мајка на тој што ќе го смени  името“, сега веќе програмата е „надградена и проширена“ со ликвидација на цели фамилии.

Впрочем, штом на протестите пред канцеларијата на ЕК настапија и ликовите како Кољо Бикчето и Тане од Охрид, кои на почетокот на плурализмот доаѓаа во МТВ, демек, да нѐ бесат што се залагавме новиот Устав да има граѓански концепт, а сега еве воскреснаа, тоа говори дека Груевски се врати во фазата на „прапочетоците“ од плуралното дејствување на ДПМНЕ.

Откако, нели, се откажаа генерално од тужбите против новинари, како да го пронајдоа чудотворниот лек против инакумислечките. Ќе ја запалат рајата, па поединци потоа со гордост, како и бомбашите самоубијци, ќе се жртвуваат за татковината со тоа што ќе го ликвидираат „непријателот“.

Националните теми се секогаш најподатливи за палење на стадото. Ако споредбата со методите на Кју Клунс Клан ви делува претерана, може ќе омекнете, кога ќе си ја освежите меморијата со делови од „Македонската молитва“ што се емитуваше на јавниот радиодифузен сервис МТВ. Таму секојдневно во гебелсовски стил се пенетрираше во нашите мозоци со конструкцијата дека белата раса господ ја создал од Македонците.

„Вашата мајка земја со три раси ја населив: белата- македоноиди, жолтата- монголоиди и црната – негриди. Преостанатите сите мулати. Од Вас Македонците, потомците на Македон, белата раса ја зачнав, и од кај вас започнато се е, до Јапонското Море. Сите бели луѓе Ваши браќа се, затоа што носат ген македонски“-  ни порачуваше „Господ“ преку МТВ.

После вакви дози национален „патос“, воопшто не би било изненадувачки „долгата рака“ на Македонецот во одбрана на расата без милост да го „сотре“ замислениот непријател!

ЗГОТВЕНО СПОРЕД РЕЦЕПТОТ ЗА „ПИТА ГОМНАРКА“

Во секој случај, на текстот во Вечер насловен како „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“ претходеше подолго загревање. Имаше предигра. После, пак, следуваа и нови чекори. Агенцијата МИНА потоа објави список за повеќе новинари и медиуми за кои се тврди дека се „платени од грчката влада за да поддржат каков и да е став на Атина за името“. Сличен список е објавен и на блогот на новинарот Миленко Неделковски со директна закана до лицата, именувани како предавници. Останува само уште финишот?!

И сега, иако не видовме докази, уште помалку некој од горенаведените ја прозива власта да иницира кривична процедура, сепак ваквото верглање на сказните за „платениците- предавници“ си пушта коренчиња. Ваквите методи за дискредитирање на личности и не се некоја новост.

И некогашната УДБА имала центар кој се занимавал со вакви пропагандни ѕврчки, за што е користена обилна помош од новинари.

Дури и во годините по распадот на режимот ама и СФРЈ, старата мрежа обилно го користи рецептот на пропагандно дискредитирање на личности што ги сметале за опасни по нивната кауза.

Овој метод, кој тие условно го нарекувале „пита гомнарка“ се состоел во следново: компилирање на точни делови со маса неточни податоци, за да се компромитира некој поединец или настан. Се ми се чини дека „питата гомнарка“ и денес ја „месат“ овие структури и нивните верни следбеници. И од „патриотите“ ама и од кај „предавниците“.

Сега кога Груевски инсталираше својата експертска клапа, свои НВО-а, свои медиумски труби, кога дефинитивно може апсолутно да парира на мрежата на Црвенковски, а ја има апсолутната власт во свои раце, тргна во диференцирање на предавниците во духот на тоталитарните режими. Таму за егзекуцијата се задолжени специјални одреди. Зошто реагирам на овие појави и пројави, кога воглавно и не сум на линија на соросоидите или македоноидите? Едноставно треба да се крикне СТОП, на ваквото лудило! Зборуваме за метод со кој се жигосуваат инакумислечките, а на за тоа кој кому е близок.

На сличен начин сме го кревале гласот и против репресиите од бранковци. Само што тогаш лицата од „списокот“ не зуцнаа. Тоа говори дека за дел од нив не е важен принципот на вреднување на власта и нејзините методи на владеење, туку кој тоа го прави.

Редакцијата на „Фокус“ пред две години со месеци систематски добиваше закани по електронска пошта.  Затскриен зад лажен идентитет, храбриот заканувач ни навестуваше лоша судбина поединечно на сите, со куршуми во чело, пишуваше за НИВНАТА света должност да нѐ ликвидираат, па и да ги сотрат нашите семејства. По наша пријава, МВР го идентификуваше лицето во „Македонски пошти“, како екс директор, а и делегат на Конгресот на СДСМ. Бил внесен до последен атом во одбрана на Бранко Црвенковски и Хари Костов од критиките изнесувани во „Фокус“.

Пораката од типот „на Македонија ќе ѝ тргне кога ќе ги снема ваквите монструми како вас … Секоја опција што се однесува до вас е отворена“, воопшто не се разликува од оние за „платениците“. На овие јавно изнесени наводи, ниту еден од оние декларирани за „европска Македонија“ не реагираше, не се згрозуваше.

Сепак, тоа не е причина и ние да одмолчиме. Иако, кога еден ден оваа власт ќе падне, повторно од „европјаните“ ќе бидеме почестени со чудо етикети, зготвени според рецептот за „пита гомнарка“. Но, нели добро е да се разликуваме!

Ида ПРОТУЃЕР, новинар во ТВ Алфа

ДАЛИ СПИСОКОТ НА ПРЕДАВНИЦИ Е ПРАВЕН ВО ПАРТИЈАТА?!

„Вечер“ не купувам, но добив смс порака дека треба да прочитам текст во кој сум посочена како платеник и предавник. Не бев изненадена од лагите и измислиците бидејќи не очекувам точни информации од овој весник, но ме зачуди со каква леснотија колеги повикуваат на линч.

Потоа ми јавија дека на некој портал МИНА има текст потпишан од новинарка со листа на „платеници“, меѓу кои бев наведена и јас. Коментарите под текстот беа: „долги ножеви за предавниците“, куршум за нив, да се бесат, да се палат и сл. Мои пријатели ми кажаа и дека се обиделе во повеќе наврати да напишат коментар со поддршка за „предавниците“ и да се посомневаат во веродостојноста на информацијата, но ставот не им бил објавен.

Јас ќе го тужам весникот и порталот, тоа е неспорно, но сметам дека оваа листа на „платеници“ и државни непријатели не е само производ на непрофесионализам на новинари и уредници, туку има посериозна позадина. Со оглед на тоа што Вечер најчесто пренесува ставови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, се плашам дека можеби во владата или партијата се составувал таквиот список, а мотивот го гледам во обидот да се сврти вниманието од неуспехот на владата да ги реши проблемите во државата како најсуштествениот за името, до не помалку важните економски проблеми, а гневот на граѓаните за лошиот стандард да се насочи кон наводната листа на „платеници“.

Јас не пишувам за проблемот со името, туку за економија, а претпоставувам дека јас сум се нашла на интернет страницата на Граѓани за европска Македонија како поддржувач на нивната декларација за слобода на изразување, која ја потпишав при последната нивна трибина, на која се вклучив како дискутант.

Ниту сум зела хонорар, ниту ми понудиле, едноставно се залагам за слобода на изразување и не гледам како тоа може да се поврзе со државно непријателство и „платена работа“ во интерес на Грција.

 Билјана СЕКУЛОВСКА, новинар во ТВ А1

АКО Е ОВА УСПЕХОТ НА ГРУЕВСКИ … МУ ЧЕСТИТАМ!

Ова е време на опасно живеење, во кое царуваат и беснеат лудилото, хаосот и опустошените демократски и цивилизациски вредности.

Самопрогласените патриоти и чувари ги прогласуваат сите останати кои не мислат како нив за предавници на Македонија и македонизмот, а за да нема дилема ниту недоразбирање дека имате работа со „мажишта ама и со женишта“ ( од блогот на Миленко), тука е нивното најголемо и најмоќно оружје- медиумите. Таму се списоците како клучен доказ, за да се знае кој е за отстрел, за кого е повикот за линч.

Чувари на што? Не само „од предавниците“, туку како што пишува во пораката на блогот на Миленко со наслов „Порака од чуварите до предавниците“, тие велат дека ја чуваат Македонија од „пропаднатото друштво на педери“, како што го нарекуваат НАТО, и од ЕУ – затоа што се „пред распад“. И токму кај него гостуваше премиерот Груевски на некакво т.н. интервју, кое траеше со часови.

Зошто? Дали затоа што ги делат истите вредности, ставови, решенија, патриотизам, се согласуваат за повикот за да ги стигне предавниците „долгата рака на Македонецот“, со обвинувањата и списокот во „Вечер“ за платеништво на новинари за „рушење на македонизмот“, тоа ли им е заедничко? Одбивам да верувам дека е така, и покрај сеќавањата за едни не многу стари обвинувања и поделби – се работи за интервју на Груевски, за МИА, 2008 година.

„Постои една мала, но компактна група од политичари, новинари, професори кои веројатно се дополнително мотивирани од страна на соседот за да ме напаѓаат … би сакал да упатам порака до сите оние кои се сомневаат дали Македонија ќе успее и кои сеат страв наоколу инспирирани исклучиво од лукративни цели, односно веројатно јахти, или други мотивациски средства: Македонија веќе успеа …“

Ако е ова успехот за кој говори Груевски една година подоцна, моите честитки!?

Драган ПАВЛОВИЌ ЛАТАС, новинар во Сител и Вечер

КОГА ИМ СЕ НАМЕТНУВА РАСПРАВА ВО НИВЕН СТИЛ – ТИЕ ПЛАЧАТ

Од 25 години новинарство, цели 15 години сум под притисок на Фондацијата Сорос и нивните соросоиди. Тие трошат по 5 милиони евра годишно за пласман на нивните ставови, а мојот буџет е нула за таа цел. И 15 години не можат да ме решат, затоа што јас зад себе ја имам јавноста, иако потрошија 80 милиони евра за тој период за потребите на една партија – СДСМ. Доказ за ова се јавно познатите нивни ставови како и фактот дека 15 години Сорос фондацијата ја води СДСМ-овецот Владе Милчин, а во УО постојано има функционери на СДСМ и нивните коалициони партнери. Цели 15 години тие не трпат јавна полемика и секој што ќе им се спротивстави се етикетира и тоа со нивни методи и од нивни новинари од УО или на платниот список на нивните проекти.

Сега, кога им се наметнува јавна расправа во нивен стил, тие одат и плачат дека се загрозени. На оваа страна јас сум еден, а на таа страна се сурија новинари и медиуми и 5 милиони евра годишно за проекти. Па, сега види кој кого загрозува?!

Мотивот за сево ова е дали ќе помине мојата иницијатива: нема преговори за нација и јазик со Грците, а за името да се оди на референдум, или нивниот и на СДСМ – да се прифати грчкиот предлог бидејќи ќе сме ја загубеле европската перспектива.

Сепак, на крајот да им порачам дека и во 16-та година од нашата борба – повторно ќе ги победам.

Поврзани новости